Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција го сподели проблемот кој што неговата општина го има со премиерот Димитар Ковачевски и Владата, како што посочи, за скратеното право за финансирање на одредени капитални проекти кои што требаше да се финансираат преку издавањето на една наменска обврзница.
Јорданов посочи дека Општина Штип е првата општина која што во изминатите неколку месеци во време на енергетска и финансиска криза одлучи да издаде наменска општинска обврзница се со цел да се реализираат неколку капитални проекти во време на ваква финансиска и енергетска криза.
Ги проследивме сите потребни одлуки, ги добивме сите потребни согласности од страна на релевантните институции и Министерство за финансии, го вративме долгот кој што претходно општината го имаше кон Министерството за финансии. И она кое што требаше да биде техничка одлука да се проследи на седница на Влада за нас е проблем, затоа што веќе две последователни седници на Влада точката на која што треба да се донесе одлуката за издавање на обврзницата од страна на Владата се отстранува од дневен ред без објективни причини се со цел да се ускрати можноста и правото за развој на општината и изградба на одредени капитални инвестиции.
Ова е преседан, ова е срам за една држава која се декларира дека се стреми кон европските вредности затоа што сите европски општини издаваат обврзници за развој на истите. Општина Штип по примерот на европските општини одлучи да го направи ова, но дефинитивно имаме политички причини поради кои сме ускратени во правото и во можноста да исфинансираме капитални проекти.
Очекувам да преовлада разумот, го повикувам премиерот да на следна седница на Влада ја стави точката за конечно да се издаде општинската обврзница и со тоа да се реализираат предвидените капитални проекти.
Во спротивно дефинитивно ова ќе значи опструкција и кочење на развојот на општина Штип и казна на граѓаните на општина Штип само затоа што имаат градоначалник и советници кои што се од друга политичка партија, од онаа која што е владината коалиција и премиерот, порача Јорданов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.