Универзитетскиот професор Темелко Ристески ја потврдува автентичноста на извештајот што деновиве се појави на социјалните мрежи, а во кој тој до државниот секретар на Министерството за одбрана реферира што сработил во јули 2020 година.

Професорот, во разговор за БИРН, вели дека бил ангажиран со договор за дело во текот на 2019 и на 2020 година, како советник за правни работи за стратегиски одбранбен преглед.

Ристески нагласува дека има „уставно право да има свои лични уверувања“ и дека тоа што го напишал е согласно таквите уверувања.

Јас не кријам дека имам симпатии кон социјалдемократијата, вели професорот.

Ристески е дециден дека „добиените пари од Министерството се исклучиво за стручно сработеното“, кое е содржано во првите две точки наведени во извештајот.

Во нив професорот објаснува за активностите и контактите поврзани со законите за одбрана и за служба во армијата. За следните четири точки вели „мислев дека не е лошо да ги споменам“.

Според податоците објавени на трезор, Министерството за одбрана 14 пати му исплатило на професорот Ристески по 30.000 денари, двапати по 45.000 денари, трипати по 15.000 денари, еднаш 20.460 денари и уште неколку помали исплати.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски рече дека во време кога државата тоне во криза, се нема пари за наставниците и за негувателките во градинки, партиски ботови се плаќаат од министерствата да пишуваат постови и да лајкуваат на Фејсбук.

Ова е повеќе од срамно и ја покажува сета беда на партизацијата на институциите. Затоа имаме можеби повеќе од 30.000 нови вработени во администрацијата, да стискаат лајкови и да земаат плата од буџетот за партиски активности. ВМРО-ДПМНЕ ќе почне правна процедура за случајот со Темелко Ристовски во министерството за одбрана, рече Стоилковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.