По интензивна децениска заложба на државата за враќање на квалитетот и вредноста на средните стручни училишта и за повторно афирмирање на неформалниот систем на обука, денеска со гордост можеме да кажеме дека имаме модерен и атрактивен систем на стручно образование и обука, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на завршниот настан на проектот „Зголемување на привлечноста, релевантноста и инклузивноста на стручното образование и обука и образованието на возрасните“, кој во изминатите три години се спроведуваше со финансиска поддршка од Европската Унија.

Денеска имаме полни средни стручни училишта, во кои учат над 70% од вкупниот број средношколци во државата. Поголем дел од училишните објекти се добро опремени, а дел се опремуваат во моментов. Наставните програми се реформирани и нудат повеќе практична обука во чија реализација се вклучени преку 550 компании, а системот на стипендирање нуди повеќе од 1500 стипендии за ученици кои одбираат средно стручно образование – рече Јаневска, потенцирајќи дека ова се значајни резултати кои се постигнати во соработка со бројни домашни и меѓународни партнери.

Несомнено, во изминатите три години важна беше поддршката од тимот на ИПА проектот за јакнење и афирмација на средното стручно образование и обука и образованието на возрасните. И, иако тој завршува, нашата соработка со проектниот лидер и со тимот нема да заврши. Затоа што, имаме уште обврски за кои очекуваме помош, како оние од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, каде јасно е потенцирана важноста на образованието, потенцираш министерката.

Таа потсети дека во моментов се работи на унапредување на законската регулатива која го уредува средното, стручното образование и обуката, како и образованието на возрасните и дека од голема важност е што се прави преку инклузивен процес, заради практична спроводливост и висока ефективност во иднина.

Вашата стручност и експертиза ќе ни значи и во понатамошното поставување на новите три и во развој на постојните пет регионални центри за стручно образование и обука, рече министерката, заблагодарувајќи се на проектот и на Европската унија за придонесот во унапредувањето на македонскиот образовен систем и неговото усогласување со пазарот на трудот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.