Големите врз малите, сите девет одделенија низ една врата, раскажува една мајка која денеска се затекнала во училиштето на своето дете во Центар кога пристигнала дојавата за поставена бомба.
Беше време за појадок, децата се редеа кога влета друга наставничка и повика „Облечете јакни ќе одиме да си поиграме“. Децата почнаа да викаат „бомба, бомба“…, раскажува мајката, која не успеала да им помогне на наставничките да воспостават ред.
Само што ги отворивме учебниците по македонски јазик, во училницата влезе полицаец и рече „Ајде одиме, бомба!“. Наставничката ни покажа со прстот пст, да не викаме, зашто ние кога излегуваме си викаме „Аааа, бомбааа, така ни е интересно.“, раскажува ученичка од трето одделение.
На некои деца им е интересно, бидејќи не се свесни за опасноста што ги демне, некои се исплашени, па преку фантазијата се обидуваат да се заштитат, други се во паничен грч… децата различно го доживуваат овој стрес на кој тие и наставниците се изложени цели пет месеци.
Однеси ги на училиште – земи ги, однеси ги – земи ги и така од октомври децата се шетаат по улиците наместо да стакнуваат знаења во училниците. Влегуваме во шестиот месец како нашите деца секојдневно се изложени на психичка тортура со дојави за поставени бомби. Бомби нема, а нема ни настава. Нема на повидок ниту разрешница на ситуацијата.
Протоколите немоќни – децата знаат што се случува
Во декември во училиштата се одржа и показна вежба за евакуација.
Дојавата пристигнува на службените имејл-адреси на училиштата, до кои пристап имаат директорите. Веднаш штом ќе го прочитаат мејлот, започнува евакуацијата по протокол.
Наставниците имаат задача да ги информираат учениците дека треба да излезат надвор поради некоја причина, која е резултат на имагинацијата и инвентивноста на наставникот. На децата не им се кажува дека се евакуираат поради поставена бомба. Треба да се фатат за рака, да не се избираат, туку онака како што се затекнале во моментот, смирено во колона да го напуштат уличиштето. Ги земаат само јакните и ранците. Потоа чуварот прави проверка за да се увери дека сите излегле од објектот. Родителите се известуваат преку вибер дека треба да дојдат да си ги земат помалите деца, а поголемите си одат сами.
Повеќе од јасно е дека наставниците и вработените во училиштата даваат се од себе за да ги однесат децата на безбедно. Сепак, признаваат дека е невозможно да се запазат протоколите бидејќи и помалите деца веќе знаат што се случува. Полиција постојано се вртка околу училиштата и во училишните дворови, па дури и полицајци ги информираат наставниците дека треба да излезат по децата.
Кога го прашав син ми зошто трчате на излегување и викате кога имавте вежба како треба да се однесувате, ми рече тоа беше вежба, а сега е бомба, вели мајка на втораче од скопско училиште.
Од 27 октомври кога во 8 скопски училишта пристигнаа првите дојави за бомби до денес страв, немир и паника се шири во речиси 40 наврати, на безмалку 500 локации, од кои најголем дел училишта, па дури и градинки во земјава.
Државата е неспособна да ги исполни своите обврски кон граѓаните – да им гарантира безбедност и да им обезбеди образование на децата.
Додека децата и наставниците се трауматизираат, додека родителите ги истураат фрустрациите по социјалните мрежи, што прават најодговорните?
Даваат изјави.
Никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата. Ова е сензитивна тема и без разлика кој го нарачува сето ова, треба да има на ум дека не може да си игра со системот и со граѓаните на Република Македонија, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 27 октомври 2022 година кога за првпат во 8 училишта во Скопје пристигнаа лажни закани за поставени бомби.
Од првата изјава на Оливер Спасовски дадена на 27 октомври до денес се изнаслушавме се и сешто, но не видовме резултат. Спасовски прво знаеше, па потоа не знаеше од каде пристигнуваат заканите.
Знаеме од каде доаѓаат мејловите. Министерството функционира во полн капацитет и ќе го надминеме овој проблем, рече Спасовски за „Слободен печат ТВ“ на 9 ноември.
Еден месец подоцна, веќе размислуваше во друг правец, па на училиштата им понуди обезбедување.
Треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба, изјави министерот за внатрешни работи на 2 декември.
По зимскиот распуст кога продолжија дојавите, Спасовски констатира дека преку VPN е многу тешко, скоро невозможно да се открие од каде доаѓаат лажните дојави за бомби.
Премиерот смируваше дека безбедноста на нашите деца е во рацете на врвни експерти додека и тој не се помири со констатицијата епа тоа е, не е само кај нас.
Формиравме тело кое што го сочинуваат најголемите експерти од сите овие институции што ги набројав. Со телото ќе координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за надворешни работи во делот на обезбедување на сајбер безбедност и заштита од хибридни закани и дополнително дијагностика на системот во делот на неговата отпорност кој што ќе биде направен на врвно професионално ниво“, рече Ковачвски во интервју во декември.
Никаква утеха не е смирувачкиот тон со кој премиерот и министерот за внатрешни работи ни кажуваат дека дојави за поставени бомби пристигнуваат и во регионот. Премногу страдаме од сопствената неспособна влада за да остане грам емпатија во нас да им го береме гајлето и на соседите. Нека извинат, ама бомбата што нас нè убива кај нас е поставена на „Илинденска“ бб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.