Што се случи со Стевчо Јакимовски?! Веројатно е единствениот претседателски кандидат во историјата на Македонија кој не успеал на избори да ги добие ни гласовите од оние 10 000 граѓани кои застанале зад кандидатурата за претседател. Освои 8103 гласа (со обработени 99,85 отсто од гласовите) или во превод не успеа да ја добие довербата од ниту 1 отсто од гласачите во Македонија. Јакимовски кога собираше потписи се пофали дека за само неколку дена собрал над 10.300 потписи.

Се поставува прашањето каде се изгубија околу 2000 гласови разлика од кандидатурата до гласањето? Односно, кој му ги собра гласовите на Стево „муња“?

Вториот момент е бројот на освоено гласови во Карпош – општината во која тој е градоначалник и каде ја уживал довербата на граѓаните. Довербата која ја имаше кај гласачите во Карпош се стопи. Тој освои само 6 проценти или 2.143 од гласовите во оваа општин. Сите кандидати за претседатели Македонци освоија повеќе гласови од него. После Гордана Сиљановска Давкова – 14.482 (41,49%), по што следи Стево Пендаровски – 9.130 (26,15%), на листата се најде Максим Димитриевски – 3.974 (11,38%), кој собра повеќе потписи и од Билјана Ванковска Цветковска – 3.089 (8,85%) која пак потекнува токму од оваа општина. Бујар Османи освои 602 (1,72%) и Арбен Таравари 483 (1,38%).

Стевчо Јакимовски синоќа прв го призна поразот, но и разочараноста. Гордоста не попушти и по ова бришење под, па рече дека ќе видиме после пет години дали изборот на граѓаните бил добар или не. Единственото нешто што достоинствено го направи беа честитките кои ги упати до Силјановска, но секако фрлајќи недоверба дали граѓаните го наравиле вистинскиот избор.

-Далеку се резултатите од очекувањата, битно беше дека граѓаните имаа избор. Дали граѓаните биле во право, ќе видиме после 5 години, да сме живи и здрави, рече Јакимовски на прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.