Претседателскиот кандидат и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски на прес-конференција порача дека е изненаден од одлуката да биде ставен на Црната листа на САД и дека го сфаќа овој потег како акт на насилство. Тој најави дека ќе поднесе кривична пријава против н.н. сторител и потенцираше дека нема да се повлече од изборната трка.

Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилство, ако не како директно мешање во изборниот процес, што е казниво и кривично дело. Ова е мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против н.н. сторител. Мора да се утрвди кој од овде ја направи оваа нечесна работа, истакна Јакимосвки.

Според него, САД се стратешки партнер на земјава, „но, нашите интереси се едно, а нивните друго“.

Ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, а помош не можат да добијат од граѓаните, па бараат американска поддршка. Јас сум единствениот кандидат кој вели: „Членството во НАТО многу скапо го плативме, со промена на името, и мора да го искористиме за наши проблеми, дури да се искористи и вето кога имаме некои проблеми, како сега со Бугарите. Јас сум единствениот политичар во земјава кој вели: „Да за во ЕУ, но до кога? Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ, треба да им кажеме на граѓаните што понатаму. Јас сум единствениот кандидат кој не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата. Од изборната кампања ни случајно нема да се откажам. Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму, нагласи Јакимовски.

Тој е уверен, како што рече, дека зад одлуката да биде ставен на Црната листа не стои цела американска политика, туку „само некои нејзини делови“.

Како да не бидам изненаден од одлуката, кога на 4 јули бев поканет од Американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за на Денот на американската државност да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или други несакани лица, рече Јакимовски.

Американскиот Стејт департмент вчера, „поради вмешаност во значителна корупција“, стави повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои се најдоа и поранешната специјална главна обвинителка на Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател Стевчо Јакимовски. Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот на „црната листа“ ги стави и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни сина на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, како и сопругот и возрасниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев.

Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.