Последниот извештај на Стејт департментот на САД за заштита на човековите права во Македонија е најкритичниот извештај што го добила Македонија во последните години. Наместо опоменувачки, каков што беше во последните три години, извештајот за 2022 година е осудувачки. Она што досега беше умерена и внимателна критика на работата на Владата, во последниот извештај е директна осуда.

Извештајот забележува „сериозна владина корупција, значителна судска корупција, неефикасни судови, ендемична корупција меѓу затворскиот персонал и одложена правда“. Со еден збор, сето она што на гола кожа го чувствуваме во Македонија е содржано во најновиот извештај на СД.

Општата констатација на јавноста е дека ова е најлошиот извештај на СД досега.

Претседателката на Транспаренси интернешнал – Македонија Слаѓана Тасева вели дека веќе подолго време корупцијата се споменува како еден од најголемите проблеми, а листите што ги подготвува САД треба да бидат поткрепени со одговорност за постапките.

Веќе се добро познати и критичните точки за ефикасна борба против корупцијата, а тоа се јавното обвинителство и судството. Владата треба да преземе сериозни мерки за целосна промена на состојбата во правосудниот сектор, истакнува Тасева во изјава за Локално.

Меѓународниот фактор нема да има бесконечно трпение за загрижувачките состојби во правосудството и постојано да потенцира за постоењето на корупција, смета поранешниот кривичен судија, адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Верувам и убеден сум дека СД располага со сознанија кои се исклучително кредибилни за да направат ваков извештај и да изнесат ваков тип на конкретни констатации. Огромниот број на судии и јавни обвинители кои чесно си ја работат својата работа, треба да си ја преземат и одговорноста да расчистат со една мала група на луѓе која очигледно и во овој извештај е детектирана за да се намалат штетните последици бидејќи очигледно е дека дејствијата на една мала група на несовесни и судии и јавни обвинители прави една голема штета на правосудниот систем, вели поранешниот судија, адвокатот Владимир Туфегџиќ во зијава за Канал 5.

Адвокатот Насер Рауфи ја повтори итната потреба од ветинг во судството. Треба да се истражи поврзаноста на судството и јавното обвинителство со организираниот криминал и корупцијата. Без тоа да се направи државата не може да оди напред.

Посебно во случаите кога се обвинети лица кои се функционери или богати, многу ретко се случува или никогаш не се случило лице кое е функционер или во политиката да биде обвинето и повеќе да не се соочи со никаква казна, тоа важи и за оние кои се богати. Мислам дека ветингот е неопходен бидејќи судските постапки покажуваат дека има многу селективна правда. Виновните и силните се заштитени, некои се ослободени или воопшто не се обвинети, вели Рауфи за Алсат.

Опозицијата го поздрави извештајот на Стејт депарметнтот оценувајќи го како објективен. За ВМРО-ДПМНЕ критиките за  владината и судска корумпираност, а тоа, како што посочуваат,  го потврдуваат и граѓаните кои имаат најниско ниво на доверба токму во правосудниот сектор.

Екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција, затоа што судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат стапување на сила на институтот застареност. И за ова не е виновно само правосудството, јасно е дека е виновна Владата.

За разлика од претходните извештаји во кои се бележи напредок, во овој напредок нема. Сега имаме точна терминологија во која се вели дека имаме висока владина корупција и тоа е конкретна терминологија и осудувачка за оваа власт. Добро е да го рагледаме извештајот, секција по секција каде владата смета дека има напредок. Гледаме дека имаме чекори наназад, рече Митева.

И Демократскиот сојуз во извештајот гледа итност да се влезе во директна борба со криминалот. Пратениците на довчерашниот коалициски партнер на СДСМ до Собранието доставија Предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој се предвидува формирање независна Агенција за борба против корупцијата.

Меѓутоа, според информациите, пратеничката група на СДСМ добила насоки од раководството на партијата прво да се развлекува ставањето на овој закон на дневен ред, а доколку се стави, да го отстранат од дневен ред со што ќе спречат во парламентот да се отвори расправа. Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да го поддржат овој законски проект со што ќе се отвори „војна против криминалот“ и ќе започне искоренување на високата корупција која ги кочи евроинтеграцииите и ги разорува државните институции, велат од партијата на Павле Трајанов.

Сепак, она што изненадува е толкувањето на извештајот од страна на власта. Пратеничката Санела Шкријељ во извештајот чувствува позитивни тонови.

Корупцијата е сѐ уште проблем, но сега има реченица која вели дека Владата работи на идентификување и процесирање на фунцкионери кои биле поврзани со корупција. Примерот дека имаме функционери од актуелното владејачко мнозинство, а се процесирани укажува дека Владата решила да се бори со корупцијата, смета Шкријељ.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, успеал само да го ѕирне, но порача дека е многу важен и корисен за нас и ваквите документи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството.

Колку што успеав да го разгледам, има повеќе пораки што може да се извлечат од него, а и дел од нив веќе сме ги адресирале. Таму децидно се потенцира напредокот во многу области, кои и ние треба да ги истакнеме, не заради пофалба, туку за охрабрување на сите фактори и актери во државата да продолжат со унапредување и со реформи во своите области. Вакви извештаи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството, особено во оние кои што ги анализираат, рече Ковачевски.

Владеењето на правото и борбата против корупцијата со години се главните проблеми кои ги посочува меѓународната заедница, а се клучни за преговарачкиот процес  со ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.