Измените на Кривичниот законик нè остави без зборови, а еден од ризичните моменти во политичкиот систем е носењето на закони по скратена постапка, изјави Софка Пејовска Дојчиновска, заменик претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма, во која за овие измени дебатираше заедно со адвокатот Еленко Миланов и новинарот Саше Димовски.
Нешто што нас нè остави без зборови е тоа што сите овие години една од ризичните работи е скратената постапка на носење на закони. За 24 часа може да се донесе толку значајна измена на Кривичниот закон којшто е столб на правосудниот систем, истакна Пејовска Дојчиновска.
Таа појани дека за скратената постапка во Деловникот стои дека може да се применува само ако не е во прашање сложен и обемен закон.
Па, дали е ова прост закон?, праша Дојчиновска.
Таа појаснува дека три дена пред да се случи ова, Антикорупциска добила барање од Министерството за правда за предлог на закон во кој беа содржани сите промени за усогласување со европското законодавство.
Го отвораме документот, официјален допис со барање за мислење до 20 септември, сосема ги немаше трите промени. Па, експресно на маил ни беше пратен текст кој ги содржи и тие промени кои поминаа во Собранието, откри Пејовска Дојчиновска.
Димовски прашува како е можно ова да било ургентно, а паралелно оди постапка за измени на Кривичниот закон, постапка која започна од министерувањето на Маричиќ, па Тупанчевски.
Имаме ситуација каде во Собранието преку ноќ влегоа измени со европско знаме, се донесоа со 48 гласа „за“, системски и двотретински треба да биде Кривичниот закон, а беше донесен со ниту половина гласови од Собранието, нотираше тој.
Димовски праша кој ги напиша овие измени?
Треба да се земе в предвид и меѓукоалицискиот пазар, министерот Лога е од малата Алтернатива и тој не го потпиша решението, а чесно беше да каже дека ова е упад во системот. Распродажба на правдата како на пазар 5 за 100, рече Димовски.
Според Миланов ова е закон којшто е донесен и нема потреба да бараме ништо.
Извршната власт проценила дека треба да го донесе и го предложила, законодавната го донела и судот мора по него да постапува, смета Миланов.
Тој вели нема потреба од барање бидејќи измените влегуваат во сила од 15 септември и според тоа обвинителствата мора да одлучат и да ги повлечат предметите по закон во спротивно предизвикува непотребни трошоци.
Миланов објасни дека ова важи и за предметите кои се сега пред Апелација, само за правосилните не може да се применува.
Можеби ова ќе биде поттик обвинителствата и МВР да ги забрзаат постапките и побрзо да се решаваат проблемите. Предметите на СЈО се неквалитетни и преоптоварени се со непотребни докази, рече Миланов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.