Вечерва во галерискиот простор во МАНУ се отвора авторската изложба „Лица на револуцијата: Внатрешната Македонска Револуционерна Организација низ фотографии, 1893 – 1934“. Изложбата во својата поставка опфаќа над 40 одбрани фотографии на македонски револуционери, дејци, интелектуалци во македонското револуционерно движење, комитски чети и семејства на македонски револуционери од крајот на XIX и првите декади на XX век. Автори на изложбата се Диме Ратајкоски и Душко Апостолски.
Најголем дел од фотографиите се објавуваат за првпат пред очите на македонската културна, научна и општествена јавност и се резултат на долгогодишни истражувања и макотрпна колекционерска работа.
Изложбата „Лица на револуцијата“ е во чест на одбележувањето на трите значајни јубилеи од револуционерната борба на македонскиот народ: 130 години од основањето на Внатрешната Македонската Револуционерна Организација, 120 години од смртта на Гоце Делчев и 120 години од Илинденското востание.
Старите фотографии нè потсетуваат и сведочат за значењето и зачувувањето на историјата и за приказните што се наоѓаат во секоја рамка и се дел од колективната меморија. „Лицата на револуцијата“ не е само изложба, таа е доказ за посветеноста на колекционерите, потсетник за значењето на старите фотографии и интимно патување во срцето на трајниот дух на македонската нација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.