Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денеска, изјави министерката за култура Бисера Kостадиновска-Стојчевска на денешното отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник и лидер на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.
Костадинов, кој присуствуваше на денешното отворање на бугарскиот Културно-информативен центар, на почетокот на месецов изјави дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“ и се заложи „за обединување“ на земјава со Бугарија.
Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа, изјави во таа прилика Костадинов.
На изјавата на Костадинов реагираше нашето Министерство за надворешни работи, кое упати вербална нота до Софија, оценувајќи дека ваквите ставови се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи и не се во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатланско сојузништво.
Барајќи надлежните институции и политички претставници во Бугарија да се оградат и да го осудат овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии кон земјава, МНР во реакцијата потсети дека и минатиот месец упати вербална нота до бугарското Министерство за надворешни работи по повод изјавите на Костадинов за време на конститутивната седница на Народно Собрание на Бугарија.
Во нотата од 21 октомври МНР изрази крајно незадоволство од содржина на изјавата на Костадинов во Собранието во Софија во која јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.