Во само една недела се покажа дека Брисел не им поверува на нашите солзи и фрустации, па пристигна одлуката за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ. За нас, барем засега, останува условот за одржување на Втора меѓувладина конференција преку спроведување на уставните измени со кои Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав.

Бугарската политика буквално ликува и фаќа сеир од ваквиот исход, презадоволни дека на европско ниво успеале да ја закочат Македонија, со проблем кој самите го измислија и перфидно го наметнаа. Ќе остане историска и треба да биде запаметена како врвен чин на соседско непријателство изјавата на Бојко Борисов „дека одмаздата е најубава кога се сервира ладна“ – пишува аналитичарот Игор Мицковски во својата колумна на ДВ.

Ивор Мицковски

Перење гревови
Но, доколку ваквата одлука на ЕУ, и ова ниско радување на бугарската политика помалку беше и за очекување, тогаш тоа што не би требало да се случува е ова бедно катастрофално однесување од опозицијата и особено СДСМ. Поточно, за СДСМ ова е шанса за перење на гревовите, но тоа што е пострашно е што одлучија да си ги перат на грбот на државата.

СДСМ е последен што треба да зборува за катастрофи и виновници за раздвојувањето со Албанија на патот кон ЕУ. Криминогените СДСМ и ДУИ презедоа катастрофални обврски по националните интереси на Македонија и обврски кои не беа способни да ги изгласаат и реализираат. И сега тие ќе зборуваат – кај штетници, кај поразени од народ, кај уште памет делат. И ова е последица од нивното сервилно, брзоплето и неодговорно носење одлуки. Да не зборуваме дека владата на СДСМ-ДУИ се обиде да реализира „купување“ на политичка поддршка за уставните измени со амнестија за организираниот криминал преку измените на Кривичниот законик, проблем со кој сега допрва ќе се соочуваме.

„Катастрофизмот” на СДСМ е дополнително непотребен во оваа фаза затоа што доаѓа од една султан партија или поточно фондација, чиј рејтинг во моментов е некаде и под Левица.

Дополнително, создавањето паника и разочараност делува инфантилно во моментот кога ќе сфатиме дека и наводното „преткрување“ од Тирана не значи премногу кога ништо не гарантира дека Албанија ќе не претрка и во зачленувањето. Ми текнува на траги-комичната опсервација и метафора на политичкиот аналитичар Гералд Кнаус кој евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан го спореди со раскантан автобус без тркала кој не оди никаде. Така да, тоа што го направи или засега го доби Албанија е што седна понапред во автобусот којшто не мрда напред.

Ако некое утре овој раскантан автобус евентуално добие ремонт и тргне некаде, дали навистина мислиме дека тогаш Македонија ќе биде исфрлена од автобусот?! Искрено, не би избрзувал со такви замисли и констатации. Со таа разлика што СДСМ и ДУИ денеска се дел од минатото и огромен дел од проблемот, па најмалку што можат да направат околу кашата во која не внесоа, е да не шират хистерија и да не се бават со политикантство.

Одложено дејство
Одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ, за премиерот Христијан Мицкоски е лоша порака за македонскиот народ. По две ипол децениски напори да се изоди патот кон Унијата, тој смета дека се неправедни условите коишто и се наметнуваат на земјата. Мицкоски додаде дека станува збор за диктат и порача дека „никој не треба да не условува за национални отстапки“.

„Го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш – не благодарам! Тоа не се европски вредности.”

Човек не може, а да не се согласи со овие зборови на Мицкоски, работата е што тие точни констатации не го решаваат проблемот. Јасно е дека власта ќе инсистира на одложено дејство на уставните измени и очигледно ќе треба да видиме дали ова барање можеби некогаш ќе биде земено предвид од Брисел или се ќе се сведе на залудни барања и изгубено време.

Проблемот со одложеното дејство е што не е во согласност со Вториот протокол кој е резултат на „брилијантната“ дипломатија на Бујар Османи, на којшто одоколу се повикува Преговарачката рамка.

Дополнителен проблем е што ние немаме гаранции дека барањата од Бугарија ќе запрат, додека самите се саботиравме прифаќајќи небулозни услови како согласноста членството на ЕУ да зависи од завршетокот на работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања или прифаќајќи ги едностраните изјави за македонскиот јазик дека бил дијалект. Замислете, тогаш нашите владини преставници се правдаа дека тоа било само став на Бугарија.

Оттука, тотална лага на СДСМ и на Филипче е кога ќе изјави дека ВМРО-ДПМНЕ сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.

Целата колумна прочитајте ја на следниот линк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.