Делегација на Амбасадата на Италија во Скопје, предводена од амбасадорот Андреа Силвестри, денеска го посети Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) во Скопје и имаше средба со ректорот проф. д-р Азиз Положани.
За време на средбата, ректорот Положани го информираше амбасадорот Силвестри за активностите на УМТ воопшто, а особено за соработката со Италија, како што се двојната мастер студиска програма „Менаџмент на миграцијата“ со Универзитетот во Сасари, размената на студенти и професори во рамките на програмата „Еразмус плус“, како и наставата по италијански јазик како изборен предмет која се спроведува изминатите две години на Факултетот за социјални науки – соопшти УМТ.
Од Универзитетот посочуваат дека факултативното изучување на италијанскиот јазик почнало со професорот Едуардо Натале, кој ја имал првата група студенти на УМТ, и продолжило со професорката Маја Милевска-Кулевска.
Италијанскиот амбасадор се сретна со студенти кои го изучуваат италијанскиот јазик и ја посети уметничката галерија „Омер Калеши“ која функционира во рамките на УМТ, а ректорот Положани му подари плакета во знак на благодарност за придонесот во развојот и афирмацијата на италијанскиот јазик на Универзитетот „Мајка Тереза“.
На средбата присуствуваа и заменик-амбасадорот Марио де Роса, лингвистот проф. Марко Пешетели и проректорот за образование на УМТ, проф. д-р. Зоран Трифунов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.