ИТ експерти од партнерските европски земји работеле деноноќно и биле од огромна помош во справување со сајбер-нападот на системот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, рече денеска директорката на Фондот Магдалена Филиповска Грашкоска.

На 6 февруари годинава во Фондот е забележан технички проблем поради кој се исклучени сите системи и повикан е тим за првична дијагностика. Инцидентот е пријавен првенствено во МВР а јавноста веднаш беше известена дека имаме проблем кој се обидуваме да го дијагностицираме. Веднаш штом се утврди од страна на ИТ експертите дека станува збор за сајбер напад, јавноста беше известена, а сите расположиви ИТ капацитети беа ангажирани со цел да се врати системот во функција. Морам да посочам дека имавме огромна поддршка од партнерските европски земји, работеа деноноќно експертите и целиот овој предизвик го надминавме заеднички, со успешна приказна, рече денеска Филиповска Грашкоска.

Според неа, ИТ тимот, инженерите, деноноќно и посветено работеле и успеале да ги вратат функциите на системот во рекордно време.

Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации, рече Филиповска Грашкоска.

Системот е вратен во функција, платите, боледувањата, породолното, сѐ е исплатено. Во моментов, Фондот работи на внес на заостанатите информации од овие две недели, после кој внес веројатно ќе можеме да направиме и подетална анализа и процена, рече директорката на Фондот.

Според неа, ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.