Теута Арифи најверојатно не ги поминува филтрите на американската администрација за да може владата да ја предложи за амбасадор во Вашингтон, објави Вечер.мк повикувајќи се на високи дипломатски извори.

Изворите на Вечер брифираат дека откако Љубомир Фрчкоски не го помина филтерот да биде амбасадор на Македонија во Вашингтон, американската администрација неколку месеци молчи за предлогот Теута Арифи да биде нов амбасадор на Македонија во главниот град на нашиот стратешки партнер САД.

Односно и по неколку месеци, нема никаков одговор на консултацијата извршена со цел таа да биде предложена од владата на нов амбасадор во Вашингтон.

Од Вечер јавуваат дека актуелниот вицепремиер за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ, имал две средби со висок дипломатски преставник во амбасадата на САД во Скопје.

Едната средба се случила по локалните избори, а втората се одржала неодамна, непосредно околу времето кога министерот за надворешни Бујар Османи најави дека искусен дипломат од МНР ќе биде предложен да оди за амбасадор во Софија.

На првата средба, Маричиќ го известил високиот американски дипломат за две работи, свичот во политиката за предложување кандидати за амбасадори, договорената размена на амбасадорските места меѓу СДСМ и ДУИ, а во тој контекст и размислувањето да ја предложат Теута Арифи за амбасадор во Вашингтон.

Откако подолг временски период не добил повратен одговор, вицепремиерот Маричиќ остварил и втора средба со високиот дипломат, на која, му е одговорено, парафразираме:

Сѐ уште нема одговор.

Односно, дали она што високиот дипломат (името познато на редакцијата) му го соопштил на Маричиќ со дипломатски речник е дека и немањето одговор е одговор и дека треба да размислуваат понатаму, брифираат изворите на Вечер.

Засега нема информација зошто американската администрација сеуште молчи за размислувањето Теута Арифи да биде предложена за амбасадор во Вашингтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.