Бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, се најде на американската „црна листа“. Одлуката е објавена на веб страницата на американскиот Стејт департмент.

„Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се наведува во одлуката.

Денешната акција, нагласуваат од Стејт департментот, покажува дека „САД во Македонија стојат со оние кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“.

„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, се додава во одлуката.

Пред неполн месец, на американската „црна листа“ завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.