Фондацијата „Бугарска меморија“ ги избриша фотографиите од директорката на Техничкото училиште во Битола Жанета Сервини и заменикот Љупчо Здравковски, како и дел од текстот на интернет страницата на Фондацијата, каде тие беа спомнати, објави Сдк.мк.

До вчера во истата објава пишуваше дека македонски студенти кои се истомисленици на клубот Иван Михајлов“ биле во посета на Бугарија, а таму пристигнале и првите луѓе на Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, Битола кои го посетиле приватното основно училиште „Цар Симеон Велики“ во село Ивањане. Денес овој дел од информацијата е избришан и Сервини и Здравковски воопшто не се спомнуваат.

Фондација денес излезе со соопштение дека ги осудува неправедните обвинувања во медиумите кон директорите и дека чиста случајност е тоа што нивната посета на приватно училиште се поклопила со посеатата на македонски студенти на покана на Милен Врабевски и бугарската фондација.

Сервини и Здравковски беа во Бугарија на покана на приватно училиште „Цар Симеон Велики“ за планирање на заеднички проекти според Еразмус + програмата. Нагласуваме дека тие не се дел бугарското здружение во Битола. Тие никогаш и не беа и никогаш не кажавме дека е тоа така, напишаа денес од Фондацијата.

Во и директорката Сервини, а и Техничкото училиште се огласија со демант во кој се вели дека не се вистинити објавите низ некои македонски медиуми за присуство на ученици од Техничкото училиште од Битола во Бугарија.

Објавата од 27 октомври на интернет страницата на бугарската фондација предизвика бурни реакции во Македонија, пред се̍ затоа што македонски студенти беа етикетирани како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

Портпаролот на СДСМ Дарко Каевски го нарече скандал на ВМРО-ДПМНЕ поврзан со бугарскиот клуб Ванчо Михајлов и обвини дека кадри на ВМРО-ДПМНЕ носат малолетни деца на средби со финансиерот на Ванчо Михајлов.

ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека СДСМ, во немоќ и очај, упорно шири лажни вести и на најчувствителни теми за Република Македонија во овој момент, злоупотребувајќи ги и најмладите.

Целта на СДСМ е да го намали значењето на пораката која ја испраќа ВМРО-ДПМНЕ за обединување на македонската јавност за стратешките национални интереси на државата. Со ваквите гротескни лаги СДСМ сее збунетост и раздор меѓу населението, со што токму така, им штети на македонските национални интереси. Ве повикуваме да не подлегнувате на лажните вести и сите заедно да опстоиме во одбрана на нашето, кое насилно сакаат да ни го одземат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.