Со 62 гласа „за“ Хисни Исмаили од редовите на партијата Алтернатива е избран за потпретседател на Собранието на Република Македонија, во рамки на денешното продолжение на 71.седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери го прекина продолжението на оваа седница и најави дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат известени.
Седницата почна со задоцнување од еден час, а на неа не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
На дневен ред на оваа седница е и Интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, поднесена од пратеницита од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, пратениците во рамки на оваа седница треба да дискутираат и за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, Предлог на законот за дополнување на Законот за животната средина, во второ читање, предложените измени на Законот за работните односи, и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, како и за други предлог закони и неколку годишни извештаи за работата на институции за 2021 година.
Претходно, пратениците на продолжение на 88. седница, го изгласаа Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, а Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за членови на Уставниот суд. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала на стартот на расправата за изборот на уставните судии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.