Ја очекуваме новата Влада на Cеверна Македонија, да положи свечена заклетва, да ги слушнеме позициите, но првите знаци не се добри, не се охрабрувачки. Ние ги почитуваме меѓународните ратификувани договори, но очекуваме пред и над сè, ова да го стори другата страна, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис.

На новинарско прашање што доколку другата страна не го стори тоа што го очекува Грција, Маринакис посочи дека откако ќе ја видат официјалната позиција на новата Влада, „ќе постапат соодветно врз основа на националните интереси“.

– Повторувам дека, иако зборуваме за лош договор што ни го натовари претходната Влада, уште од почетокот рековме дека сме обврзани да го почитуваме и ќе го почитуваме, но ова е задача што има две страни. Ако ова не се случи од другата страна и покрај она што во целост го бара меѓународната заедница и сите европски фактори, кои јасно ги бранат нашите позиции, тогаш ќе ги оцениме нашите постапки, објасни Маринакис и додаде дека во никој случај нема да брзаат „како што сака опозицијата“.

Портпаролот на грчката Влада се осврна и на меморандумите кои сè уште не се ратификувани во Парламентот, за кои говореше дека се „преговарачко оружје“ од кое немаат намера да се откажат.

-Оние кои говорат за меморандумите, нека видат што пишува во меморандумите. Една од обврските е и дискусијата за европската интеграција на Македонија. Кога веќе имаше напредок во случајот со НАТО, со што значи дека ја изгубивме едната компаративна предност, сега да има напредок и во дискусиите за интегративниот тек во Европа, пред самите да го почитуваат името Македонија, односно како тие се викаат. Очигледно дека сме во исчекување на другата страна, првите знаци не се добри, не се охрабрувачки и како што кажа и премиерот, ние го почитуваме континуитетот на државата, ги почитуваме меѓународните ратификувани договори, но очекуваме пред и над сè ова да го стори другата страна, рече Маринакис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.