Во рамките на Преспа форумот за дијалог 2023, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска одржа билатерaлна средба со Емилија Стојменова-Дух, министерка во Владата на Република Словенија задолжена за дигитализација.

Во конструктивниот разговор со словенечката министерка со македонско потекло фокусот беше ставен на прашањата поврзани со дигиталната трансформација на општеството. Вицепремиерката Грковска ја информираше Стојменова-Дух за актуелните процеси во Македонија на ова поле, со акцент на активностите на Националниот совет за дигитална трансформација со кој претседава. Таа нагласи дека во Советот учествуваат претставници на сите засегнати страни во овој значаен процес, вклучително и од опозицијата, со цел да се нагласи значењето на овие процеси за целото општество, а кои треба да се спроведуваат контунуирано и без оглед на политичките промени.

Министерката Стојменова-Дух ја нагласи подготвеноста за поддршка од страна на Република Словенија поврзанa со дигитализацијата, посочувајќи дека во нивната земја се користат нови технологии кои ќе бидат интероперабилни со останатите. Надоврзувајќи се на вицепремиерката Грковска, која истакна дека во моментов се работи на воведувањето електронска лична карта, Стојменова-Дух го истакна позитивното словенечко искуство со електронските документи за идентификација, кои добиваат награди и на светско ниво и кое со задоволство би го споделиле со нашите институции. Се разговараше и за потребата од инвестиции во сајбер безбедноста и за зголемување на свеста на граѓаните за сите теми поврзани со технолошките промени.

 

На средбата, вицепремиерката Грковска се осврна и на останатите активности на нејзиниот Кабинет, поврзани со политики за справување со корупцијата и јакнење на интегритетот на носителите на јавни функции. Во однос на евроинтеграцијата на нашата држава, за која во континуитет добиваме поддршка од пријателска Словенија, министерката Стојменова-Дух изрази подготвеност да се вклучи во активности со кои на граѓаните во нашата земја би им помогнале подобро да ги разберат големите придобивки од членството во ЕУ, наспроти евроскептицизмот кој се зголемува во контекст на актуелните предизвици со кои се соочуваме.

Претставничките на двете влади се согласија и околу важноста на истакнување на женската перспектива во општествено-политичките процеси, пришто словенечката министерка со задоволство ја прифати поканата на вицепремиерката Грковска да се приклучи на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за антикорупција и добро владеење, кој беше основан на нејзина иницијатива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.