Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, која се наоѓа на Молитвениот појадок во Вашингтон, вели дека уште многу треба да се направи за борбата против корупцијата, граѓаните треба да видат видливи резултати и краен резултат од борбата против корупцијата.

Уште повеќе треба да се направи од она што е направено и граѓаните сакаат да видат видливи резултати, да има ефект и краен резултат од борбата против корупцијата и организираниот криминал. Најголемата слабост е во правосудниот систем. Ако нема завршница во еден случај, пораката, која се праќа во општеството е погрешна. Судиите и обвинителите исто така треба да одговараат за злоупотреба на службена должност, исто како и останатите функционери кои подлежат на истите закони, вели Грковска во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик.

Во врска со нејзината изјава дека не ја иззема Владата од одговорност, ниту институциите, вели дека најслаба карика е правосудниот систем.

Правосудниот систем е најслаба карика. Независноста на институциите треба да биде дополнителна обврска за одговорност и транспарентност пред граѓаните, за одлуките кои што се носат од правосудниот систем. Актуелните примери што ги видовме, се лош пример како треба да изгледа или да се однесува законот подеднакво за сите, вели Грковска.

Во однос на тоа дали има информации кој е на црната листа санкции на САД за корумпирани чинители во политиката, вели дека санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа.

Тоа е од голема помош за државите во светот, затоа што тоа се санкции што САД ги користат како инструмент којшто придонесува во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата домашна обврска. Одлуките коишто се носат, функционирањето на институциите, ефикасноста и транспарентноста, е наша домашна обврска, смета таа.

Во однос на индексот за перцепција на корупцијата во јавниот сектор на „Транспаренси интернешенел“, според кој државава има 40 индексни поени, што е само еден повеќе од лани, вели дека добро е што има напредок, макар, како што вели минимален.

Добро е што има прогрес, макар и минимален, тоа значи дека треба да ги засилиме нашите напори и да ја смениме перцепцијата кај граѓаните и да биде видливо дека сите напорите што ги правиме имаат ефект. Кога ќе обезбедиме дека граѓаните имаат доверба во институциите, дека законот важи подеднакво за сите, тогаш сум уверена дека ќе ја имаме големата поддршка од граѓаните и ќе се осмелуваат повеќе да пријавуваат корупција, вели Грковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.