Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска изјави денеска дека одлуките на Апелацискиот суд за поништени решенија во случаи против високи профилирани лица се сериозен проблем и оти пораките што доаѓаат од САД конечно ќе повлијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.

Изјавата на Грковска е во одговор на новинарско прашање откако Алсат, повикувајќи се на владини извори денеска објави дека амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Прајс Агелер, на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое ја изразува својата и загриженоста на САД за, како што вели, поништени решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на првостепена постапка.

-Вие знаете дека уште минатата година, уште кога беше тука и претходната амбасадорка, го покренав прашањето за одлуките на Апелацискиот суд. Првата реакција беше после првото, народски да го кажам, пазарење на вина, следуваа неколку настани заедно со правосудните органи, универзитетски професори, медиуми, невладини организации за тоа што треба да се преземе, во системска смисла да се намалат тие можности, меѓутоа и понатаму неколку активности што одат во таа насока и веќе со меѓународните партнери сме договорени како системски да се намалат можностите за такво нешто, меѓутоа и активностите за кои сте сведоци дека ги имаме и со останатите институции, одговори Грковска во одговор на прашањето што ќе преземе Владата во врска со писмото на Агелер, со оглед дека ова е сериозно предупредување од САД, имајќи предвид дека тие се партнери во справувањето со корупцијата.

Таа посочи оти ова е многу сериозен проблем и изрази надеж дека овие предупредувања ќе придонесат конечно за постапување онака како што доликува на еден професионален правосуден систем со интегритет.

-Потполно се согласувам дека тоа е многу сериозен проблем и дека сите активности што ги имаме ние како кабинет, изјавите што ги даваме, заедничките активности што ги имаме и со другите институции, меѓутоа и од многу отворените пораки од страна на американската Амбасада, од Европската Унија, од останатите наши меѓународни партнери, дека конечно ќе повлијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна, исклучиво во согласност со закон, затоа што нашите граѓани заслужуваат правдата да биде подеднаква за сите и се надевам дека сите овие укажувања ќе придонесат конечно за постапување онака како што доликува на еден професионален правосуден систем со интегритет, истакна Грковска во изјава по тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

Во писмото до кое дојде Алсат од извори во Владата, се истакнуваат и напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.