Потребата од јакнење на демократските вредности и владеењето на правото, како и за напредокот на нашата земја во засилувањето на проактивната транспарентност на институциите и справувањето со корупцијата биле теми на денешната средба во Брисел на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска со Вера Јурова, комесар за вредности и транспарентност во Европската комисија.

Како што соопштија од Владината прес-служба, на средбата вицепремиерката Грковска информирала за целите на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој беше воспоставен со цел да вмрежи жени од регионот кои со своето професионално дејствување се пример за одговорност и интегритет.

Еврокомесарката Јурова посочи дека ваквите иницијативи се важни, со оглед дека е потребно да се адресира прашањето зошто многу жени го напуштаат јавниот живот, особено тие што се вклучени во политиката, судството, медиумите и невладиниот сектор, поради притисокот од разните форми на родово засновано насилство, се наведува во соопштението.

На средбата се разговарало и за потребата да се зајакне младата генерација, особено преку системски промени во образованието, кои треба да вградуваат вистински вредности и да го зголемуват интересот на младите за вклучување во општествените процеси.

Имајќи ја предвид сличноста на портфолијата на еврокомесарката Јурова и вицепремиерката Грковска, беа договорени чекори за заеднички активности во наредниот период, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.