Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во Рим имала средба со италијанскиот министер за јавна администрација, Ренато Брунета, со кој договориле низа конкретни чекори за поддршка на реформите и унапредување на јавната администрација во Македонија.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, двајцата соговорници нагласиле дека Македонија и Италија имаат историја на соработка и меѓусебна поддршка и токму затоа, во интерес на двете држави, но и во интерес на Европската Унија, е таа соработка да се продлабочи и меѓу другото да се конкретизира на прашања кои ќе обезбедат зголемување на ефикасноста на јавната администрација.

За таа цел, вицепремиерката Грковска и италијанскиот министер Брунета се договориле во најкус можен рок двете институции да формираат заедничка работна група која подетално ќе ги дефинира натамошните чекори за заедничка соработка.

Грковска се заблагодарила на силната поддршка што Италија и ја дава на Македонија, но и на безрезервниот интерес што министерот Брунета го покажал за унапредување на состојбите во јавниот сектор.

За нас е исклучително важно да ја продлабочиме соработката во делот на отчетноста на јавниот сектор, антикорупциските политики, како и дигиталната трансформација на општеството. Во овие сектори Италија има постигнато значајни успеси и токму затоа експертската поддршка од Италија за нас е многу важна – оценила Грковска.

Како што се наведува во соопштенито, министерот Брунета нагласил дека е многу важно, во што е можно покус рок, заедничките тимови да подготват конкретен план, со однапред утврдена динамика за резултатите да стигнат што е можно побрзо.

Тој информирал дека италијанскиот Тренинг центар за јавна администрација во Касерта, што досега беше наменет само за Италија и за земјите од Медитеранот, наскоро ќе биде отворен за земјите од Западен Балкан и предложил Македонија да биде меѓу првите земји која ќе испрати на обука професионалци од јавната администрација.

Двајцата соговорници се договориле да ја разгледаат и можноста двете држави да ја продлабочат соработката и преку OSCE-MENA, во која се вклучени државите од Медитеранот, особено за програмите за јавната администрација.

Претходно, Грковска го посетила Универзитетот „Луис Гуидо Карли“, каде се сретнала со професорот Бернардо Матарела и Лоренцо Валери. На состанокот Грковска разговарала за можноста за соработка во делот на унапредување на капацитетите во јавната администрација.

Грковска истакнала дека експертизата и искуството што го има овој Универзитет во делот на јавната администрација, но и во делот на сајбер безбедноста, може да бидат од големо значење за Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.