Кај нас има големи недостатоци во Изборниот законик, не само во изборниот процес. Малите партии се онеправдани за начинот на кој се третираат и се принудени да одат во коалиции затоа што немаат финансиска сила да одат на избори сами. Тоа е штета затоа што има мали партии кои имаат голем интелектуален потенцијал. Нам во ИЕ1 на минатите избори ни беа украдени два пратеника. Сега постои и уште еден момент, а тоа е да се обединиме што е можно повеќе партии за да ја тргнеме оваа власт која остави пустош во овие 7 години владеење. Тоа ни е заедничкиот именител со сите 24 партии што ја сочинуваат сега опозицијата. Анкетите велат дека луѓето сакаат промени, вели Солза Грчева, претседателка на „Глас за Македонија“, во СТУДИО 10 на ТВ 24.

СДСМ за нас е невозможна опција за коалицирање после се она што го направија за деградација на македонското ткиво и се она што го направија зад затворени врати без консултации со опозицијата, вели Грчева.

Грчева вели дека е вештачки создаден наратив дека ако си за СДСМ си за ЕУ, ако си за ВМРО-ДПМНЕ си против ЕУ. Таа додава дека процесот за интеграција го започна токму ВМРО-ДПМНЕ, но сега јасно кажува дека е против влегување во ЕУ на недостоинствен начин.

Ова е само влезница, овие барања што ги испорачува Бугарија со францускиот предлог. И Европа е во криза. Можеби нема повеќе да се гласа со консензус со оглед дека веќе го прекршија кога Унгарија не гласаше за Украина. Процесот на преговори трае со години, па ништо не значи една година повеќе, но многу значи да се испреговара добро. И Ескобар рече дека билатерален проблем не треба да биде услов за членство во ЕУ, вели Грчева и додава дека ова владеење досега е во целост неевропско.

Грчева вели дека не е проблем уште еден народ да влезе во Уставот, но проблем е начинот на условување на Македонија.

Не можат СДСМ да испорачаат добри резултати за македонскиот народ затоа што тие се сосема „откачени“ од македонскиот народ. Тие се согласуваат на се што ќе им биде дадено. Само во окупација може да се согласите дека вашиот јазик постои од 1945 година, а се и сите архиви треба да и бидат предадени на Бугарија. Солидна дипломатија сигурно нема да најави што ќе прави, но кога ќе стапне на власт мора да бидат транспарентни, вели Грчева.

Грчева вели дека не се согласува дека губиме време, а младите секако одат на студии во странство заради девастација на нашиот образовен систем.

Ако ЕУ реши, може да се случи да донесат политичка одлука за Македонија, како што сега донесоа за Босна и Украина и Молдавија, а на времето за Бугарија и Романија. Ако ЕУ почувствува геополитички интерес тогаш целиот Западен Балкан ќе влезе во ЕУ, вели Грчева и додава дека во ВМРО-ДПМНЕ се размислува за продолжување на преговорите, а уште сме далеку од приклучување во ЕУ.

Грчева појаснува дека изгласување уставни измени но не под бугарски диктат значи дека не се спорни уставните измени, но не насилно. На времето, вели Грчева, така насила и со уцени беше изгласан и Преспанскиот договор во Собранието. Таа додава дека ние го спроведовме Преспанскиот договор, а Грција не го спроведува договорот иако има само три протоколи кои треба да поминат во нивното собрание.

Ние и онака не можеме да влеземе во ЕУ со олку корумпирана власт, вели Грчева.

Грчева вели дека нејзината партија не се пазарела за влез во коалицијата, дури нема ни пратеничко место, но можно е учество во владата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.