Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу испрати донација од ранци и школски прибор за првачињата од школската година 2022/23, информираат од Партијата за движење на Турците (ТХП).
Како што посочуваат од партијата, потпреседателот на ТХП и заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Џабир Доко, кој ги поделил подароците, во својата изјава до медиумите им се заблагодари на градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, истакнувајќи дека досега посетени се училишта во Скопје, Валандово, Дојран, Ресен, Охрид и Струга, а во следните денови дистрибуцијата на ранците и училишниот прибор ќе се изврши и во останатите општини.

– Доко во својот говор во ОУ „Мите Богоевски“ во Ресен каде наставата се одвива на македонски и турски јазик, истакна дека тие како Влада напорно работат на подобрување на квалитетот на образованието и дека ваквите проекти меѓу Македонија и Турција само ги зацврстуваат одличните односи меѓу двете пријателски земји, се вели во соопштението.

Тој изјавил дека и покрај сериозната енергетско-економска криза во светот, градоначалникот на градот Истанбул, Екрем Имамоглу, не ги заборава децата во Македонија и како што вели „донацијата на овие подароци уште еднаш покажа дека двете земји имаат братски однос“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.