Општина Гостивар минатата година издала 197 одобренија за градба и остварила приход од околу еден милион евра, информираат од Секторот за урбанизам.

Според обемот на издадени дозволи гостиварските урбанисти се на првото место во Полошко и меѓу „топ-три“ на ниво на држава.

Раководителот на Секторот за урбанизам, сообраќај, комунални дејности и заштита на животна средина Семир Зулбеари при презентацијата на годишниот извештај за завршени работи во минатата година посочи дека најголемиот број на дозволи се однесуваат за изградба на семејни куќи.

Најголемиот дел од дозволите, 156 се за градби во градското подрачје, а триесетина во поголемите села како Балиндол, Дебреше, Горна и Долна Бањица. Одобренија за колективни згради се 18, а 22 се инфраструктурни објекти. Останатите се однесуваат на доградби, пренамени и адаптации. Од пристигнатите 228, триесетина барања се одбиени, информира Зулбеари.

Од поважните активности кои се завршени успешно е процесот на легализација и впишување во сопственост на општината на објекти како што се спортска сала „Младост“, интернатот, административната зграда на ЈП „Комуналец“ и седиштето на локалната самоуправа за кои, како што рече, е добиен имотен лист.

Зулбеари посочува и дека минатата година околу дополнителни 100 илјади евра се слеале во општинската каса по основ на завршени предмети за легализација на дивоградби.

Локалната власт предвидела и урбанизирање на периферијата на градот. Во тек е постапка за изработка на три ДУП-ови за блоковите 15, 24 и 25, за кои, како што рече првиот човек на гостиварскиот сектор за урбанизам досега ги немало или биле стари повеќе децении. Пред одобрување или во завршна фаза се и ДУП-вите за блоковите 31 и 16.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.