Државната изборна комисија (ДИК) денеска издаде Уверение за избран Претседател на Републиката на Гордана Силјановска Давкова, откако на седница ги објави конечните резултати од Претседателски избори одржани на 24 април и 8 мај годинава. Уверението на новата претседателка ѝ го врачи претседателот на ДИК Александар Даштевски и во име на Комисијата посака успешен мандат.
Даштевски на седницата констатираше дека за Претседател е избрана Гордана Силјановска Давкова со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Таа освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251.899.
Државната изборна комисија на седницата утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, а гласале 861 218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47.47.
За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за Претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актуелниот претседател и нејзин противкандидат истекува утре.
Универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
Таа денеска го слави 71 роденден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.