Партијата „Наша иницијатива“ од Косово, која ги застапува интересите на Бошњаците и на Горанците во земјата, изразува загриженост по повод ненајавената посета на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на Косово, што се одржа на 18 февруари, како и за вестите во Бугарија околу целта на нејзината посета, објави електронското издание на весникот „Илинден”.
Во реакцијата, партијата ја отфрла изјавата на Јотова дека на Косово „живеат околу 15.000 Бугари“, мислејќи на Бошњаците и на Македонците (Горанци) во областа Гора и Призренска Жупа.
Партијата смета дека на овој начин Бугарија ја злоупотребува својата положба и членството во Европската Унија, грубо мешајќи се во внатрешните работи на Косово.
Ги осудуваме манипулациите на Софија и претставувањето на Бошњаците и Горанците на Косово како Бугари, пишува во реакцијата.
Партијата потсетува дека на пописот на населението во 2011 година, во општините Драгаш и Призрен, Бугари „воопшто нема или се на ниво на статистичка грешка“.
Како партија не го оспоруваме правото на Македонците и Бошњаците да се школуваат во Бугарија, но сметаме дека тоа не може, не смее и не треба да биде условено со асимилација. Потврдуваме дека Горанците и Бошњаците се уставно признати од страна на Косово, и силно сме против тековната нивна „бугаризација“ во општините Призрен и Драгаш.
Оваа година е година на попис на населението на Косово, а обидите на Софија да создаде Бугари се со цел да ги залаже, да ги доведе до заблуда и да ги изманипулира Бошњаците и Горанците на Косово. По кој знае кој пат повторуваме дека тие не се Бугари, ниту биле, ниту кога и да е ќе бидат, велат од партијата.
На крајот, партијата на Бошњаците ги повикува сите Македонци и Бошњаци на Косово да се спротивстават на „обидите на Софија за нивна бугаризација“.
Секој има обврска да ги информира останатите на кои овие бугарски манипулации се уште не им се јасни. Студирање и соработка – ДА! Асимилација – НЕ! Стоп на асимилацијата и бугаризацијата на Косово, биди тоа што отсекогаш си бил, стои на крајот од реакцијата на Наша Иницијатива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.