Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА, правејќи паралела меѓу она што се случи на декемврискиот Самит на ЕУ, кога т.н. „кафе на Орбан“ го овозможи донесувањето одлука за почеток на преговори за Украина и Молдавија и дали ваквиот начин на носење одлуки бил можен и за Македонија, вели дека решението за земјава е ставено на маса во јули 2022 година, кога, како што рече, се отворени пристапните преговори, а за да се премине на следниот чекор, потребно е спроведување на уставните измени, што е суверена одлука на самата држава.

-Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Cеверна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце, истакна Гир.

Тој нагласи дека е важно одлуката за започнување на пристапни преговори со Украина и Молдавија да се гледа од контекстот на неоправданата војна на Русија против Украина, како и реформските чекори кои двете земји ги имаат реализирано, иако, како што посочи им претстои долг пат понатаму.

-Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката. За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27, вели Гир во интервјуто за МИА.

Во однос на можноста за измена на Преговарачката рамка, сега по примерот на нов модел на одлучување, поврзан со „кафето на Орбан, кое му го понуди Шолц“, Гир дециден дека ЕУ не размислува за повторно отворање на документот.

-Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и истите беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Cеверна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори Преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на Преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат, вели Гир.

Со оглед на тоа што уставните измени останаа во позадина на претстојните двојни избори во земјава, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со континуиран став дека не ги прифаќа под бугарски диктат, туку откако ќе дојде на власт, ќе најде друго решение, Гир со порака дека ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори.

-Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето, вели Гур во интервјуто за МИА.

Со евромбасадорот разговаравме и за последните случувања во М-НАВ, борбата против корупцијата, оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, за претстојните избори кај нас и тие во ЕУ, за Планот за раст за земјите од Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.