Не се точни тврдењата дека Европската Унија не ја сака Македонија за членка на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на настанот со кој започнаа Деновите на НАТО во земјава, по повод одбележување четири години од членството на Македонија во Алијансата и 75 години од нејзиното формирање.
Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да и’ пристапи на Европската Унија дали затоа што Унијата не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Европската Унија. Ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме Македонија да биде дел од Европската унија. Патот е практичен и многу лесно остварлив, подвлече Гир.
Во тој поглед, додаде евроамбассадорот, го споделувам мислењето дека патот на Европската Унија е пат на просперитет, на зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото и е пат на стабилност. Но, исто така, рече, тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас, рече Гир.
И од овие причини, истакна евроамбасадорот, ја поттикнуваме Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија.
Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските коишто ги презеде во јули 2022 година, по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг процесот, како и имплементацијата на реформите коишто беа утврдени во текот на процесот на скрининг вклучително и тие коишто се наброени во новиот план за раст и реформи на Европската Унија, рече евроамбасадорот Гир.
На традиционалниот НАТО настан се обрати и шефот на дипломатијата Бујар Османи и првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава, кои упатија честитки за четиригодишнина од НАТО членството на земјата, нејзиниот придонес во колективната безбедност и дадоа свои видувања за тековните глобални предизвици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.