Македонија ги има исполнето условите за отворање на преговорите, така што следниот чекор е што треба да напредуваме кон отворање на пристапните преговори. Сигурно дека Украина нема да го забави тој процес, меѓутоа треба да ги спроведеме реформите, коишто се брзиот пат кон членство во ЕУ. Новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот, особено за Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција, така што тој нов концепт не може да предизвика спротивни ефекти.

Ова го посочија евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер на заедничката прес-конференција за ситуацијата во Украина, во одговор на новинарско прашање дали со оглед на новонастанатата ситуација постои размислување да се забрза процесот на пристапување на Македонија и Албанија, и дали се размислува прием на Украина по брза постапка во ЕУ.

Гир и Бомгартнер отфрлија брз прием на Украина во ЕУ и истакнаа дека ситуацијата во Украина ја нагласува важноста на блиското партнерство со Унијата и вредноста на Македонија како членка на НАТО.

Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Имаме силен стратешки интерес да ја видиме оваа земја како земја членка на ЕУ. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи – порачаа Гир и Бомгартнер.

Бомгартнер подвлече дека во процесот за европска интеграција на Македонија, Франција придава стратешко значење и тоа е нешто што е веќе признаено.

И француските власти имаат повод тоа да го истакнуваат во повеќе наврати јавно велејќи дека формално Македонија ги исполнува сите услови што се бараат од ЕУ, прецизирајќи дека според нас, а мислам дека тоа го споделуваат и сите други земји дека во последните години земјата навистина постигна забележителен напредок и со тоа навистина се зголемува динамиката за приближување кон ЕУ, но исто така ние сме истакнувале дека постои стратешко значење во тој процес заради регионалната стабилност и денес ќе кажам дека сосема е јасно дека новиот геополитички контекст само го зајакнува ова тврдење – изјави Бомгартнер.

Тој кажа дека во однос на состојбата со која се соочуваме, легитимните украински власти имаат право да се обратат со такво барање до ЕУ.

Но, уште еднаш ќе кажам дека соочени со состојбата, таква каква што е сега, не е тоа приоритет затоа што приоритетот е како што кажав и претходно е да се изолира агресорот и конкретно и ефикасно да се даде поддршка на жртвата на агресијата. И што се однесува до Украина, не би рекол само до Украина, туку генерално за прашањето за европска интеграција мислам дека приоритетот објективен не е во Украина туку во овој регион. Уште повеќе во оваа земја и во Албанија, а во тој поглед знаете дека има процес што е во тек, што од близу се следи од европските институции и во тие рамки од страна на француското претседателство со ЕУ и секоја корисна активност во тој поглед ќе биде преземена за да може во најкраток можен рок да се постигне таа цел која што е заедничка, а тоа е што побрзо отворање на преговорите за членство со ЕУ – изјави Бомгартнер.

Гир од своја страна посочи дека денес ЕУ и Украина се поблиску од било кога, но оти се уште претстои долг пат.

Мораме да ставиме крај на ова и ние треба да разговараме за следните чекори. Јас сум сигурен дека никој не се сомнева, дека луѓето кои се спротивставија се борат толку силно и храбро за европските вредности и нивното место е во ЕУ. Меѓутоа, како што кажав тоа е одлука која што треба да се донесе од раководството на ЕУ тоа што се однесува на оваа земја – додаде Гир.

Според него, владеењето на правото исто така ќе биде важно за самата стабилност на земјата и нејзината отпорност во рамките на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.