Ги повикувам лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјава и за овие деца, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со процесот на уставните измени, кои се предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ и ставот на опозицијата дека не прифаќа измени на Уставот под бугарски диктат.

-Тука денеска гледајќи ги овие деца уште поцврсто сум убедена дека е многу важно за оваа земја да биде во Европската Унија. Вие веќе сте дел од Европа и тоа треба да се формализира, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии, рече Агелер денеска за време на посетата на селото Радово по повод пуштање во употреба на предучилишен едукативен центар во Босилево, преку програма на УСАИД.

Таа истакна дека придвижувањето на земјата кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности.

-Знам дека е тешко, но само погледнете ги овие деца, ние не сме во ЕУ, ние од САД не сме во Европа, но тоа го правите за овие деца да имаат можности и за да сакаат да останат во оваа земја кога ќе пораснат, кога ќе завршат средно училиште, кога ќе одат на факултет, тие се вашиот пример зошто тоа е важно, рече Агелер



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.