Насловот на овој коментар е пост на Фејсбук. Еден одличен афоризам. Актуелен, пишува Бранко Героски.

Му се извинувам на авторот што не го именувам. Ми се изгуби статусот и не можам да го најдам.

Ете. И јас ко Оливер Спасовски. Еден статус на Фејсбук не можам да пронајдам, не па да откријам кој се заканува со подметнати бомби и зошто.

А работава е претерано сериозна. Да биде бељата поголема, не сум сигурен дали премиерот Димитар Ковачевски и неговите министри се свесни за магнитудата на овие секојдневни потреси.

Највисок приоритет во овој момент не е европската агенда.

Уште помалку уставните промени.

Не е ни борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Дури ни економската, финансиската и енергетската криза.

Се разбира, сите тие нешта се важни. Но, во овој момент топ тема се лажните дојави за подметнати бомби. Тоа би требало да биде прва точка на дневниот ред на сите органи и тела на централната и на локалната власт.

Заканите со бомби ја парализираат земјата, го нарушуваат ритамот на секојдневните активности на луѓето и сеат страв насекаде.

Тоа е оправдан страв. Да не се лажеме дека не е така. Златното правило вели дека заканите никогаш не смеат да се игнорираат. Ако се игнорираат, постои реална опасност заканувачот или заканувачите да почувствуваат потреба да ја потврдат кредибилноста на своите закани.

А тоа значи дека никогаш не треба да се исклучи можноста некогаш некаде навистина да пукне. И да настане пекол…

Некој ќе рече, па тоа е целта на овие закани – да се посее страв, да се парализира земјата, да се докаже неспособноста на власта и на институциите.

Е ако тоа навистина е намера, тогаш мора да се признае дека на заканувачите одлично им врви работата.

Веќе на сите ни е јасно дека МВР на чело со Оливер Спасовски не поседува ресурси и знаења да се справи со овој напад, којшто во новата терминологија се нарекуваат хибриден.

А кога не може да се справиш со некој проблем, хибриден или не, бараш помош.

Бидејќи ова не е предизвик – ах, колку е трагикомична таа кованица од современиот политички новоговор! – ова е проблем.

Проооооблем!

И каде се сега нашите сојузници од НАТО и нашите пријатели од ЕУ да ни помогнат?

Не дека јас ги барам, но…

Еве, САД испратија цела експедиција истражители во Македонија да ни помогнат во борбата против корупцијата. Никој не ги повика, да не се лажеме како мали деца. Нејсе, добредојдени се. Но, би сакал отворено и јавно да ја прашам амбасадорката Анџела Агелер – помислуваат ли Американците да ни испратат и еден тим за борба против тероризам и ваков вид закани?

Денеска ја читам и изјавата на германската амбасадорка Анке Холштајн. Нѐ убедува жената дека тоа со менувањето на Уставот ќе нѐ болело, ама ќе било за наше добро. Би сакал и неа да ја прашам јавно и отворено – бидејќи е јасно дека многу повеќе ќе нѐ здоболи ако некаде навистина рокне некоја бомба, помислиле ли Германците да им помогнат на граѓаните на Македонија да се справат и со оваа болка, или мислат само на она што ги боли Бугарите?

Се извинувам што сум груб, но ако веќе стануваме село без кучиња и странски протекторат, ајде да се однесуваме согласно со таа наша позиција. Нека не се курчи кој не знае да лета. Нека не фрла чифтиња, нека не се фодули, туку нека бара и нека моли за помош.

Не ми е јасно зошто Ковачевски и Спасовски не го прават тоа. Можеби и го прават, ама тајно. Јас, пак, мислам дека тоа треба да се каже и јавно. Нема шанот да им падне…

И зошто за залажуваат себеси, а се обидуваат да ја „ложат“ и јавноста, со глупави анализи, како онаа на оној институт Ифимес, според која целта на оваа хибридна војна (втор дел) сега било да падне Оливер Спасовски, откако претходно успешно бил урнат Зоран Заев во некоја операција наречена „Коњички скок“?

Алоооооо!

Разбудете се, другарчиња!

Нѐ заболе нас и за Оливер и за Заев! Са опроштењем…

Децата ни одат на школо секој ден и не знаеме кога, како и дали ќе се вратат дома.

Денеска дојава за бомба го евакуираше Ковачевски лично.

У џигер ви се влезени, разбирате ли?

А бре една петарда да пукне некаде, има да тече од ногавици!

Утре, кога ќе го „отворате“ Уставот, претпоставувам дека секој ден ќе има дојава за подметната бомба во парламентот. Што ќе правите тогаш, а?

А сево ова со дојавиве може да трае бескрајно долго, бидејќи вие, едноставно, не умеете да се справите со оваа закана.

Жал ми е што го кажувам ова, ама вистината ја кажувам. И непријатно ми е што морам за ова да ја критикувам македонската влада, ама јас друга влада немам. Или да пробам со бугарската?

Другарчиња, предупредувам. Навистина, не дај боже, може да ви се случи да си заминете од власт со бомби, како што со бомби и дојдовте.

Ќе барате чаре или ние да си бараме чаре?

ПС. Да не бидам погрешно разбран. Засега навистина немам намера никого да повикувам да поднесе оставка. Оставам на совеста на луѓето на власт. Сакам само да укажам дека оставките не се само морален чин на преземање одговорност, туку и отворање на клучниот вентил за проветрување на институциите. Кога ситуацијата станува неодржлива, кога воздухот ќе застои и кога ќе засмрди, шефот е тој што мора да си замине. Два пати во мојот живот сум поднел оставка и сум си заминал од две работни места кои многу ми значеле во животот. Сум се трудел да не дојде до тоа, но кога ситуацијата станувала баш неодржлива, единственото правилно и одговорно решение било да си ги соберам парталите и да си заминам. И не е толку страшно… Прво тие што те нејќат ти велат дека без секого се може, ама после три дена ти им велиш дека без сѐ се може, пишува Героски во колумната објавена на „Плусинфо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.