Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска имаше средба со претседателката на Бундестагот на Сојузна Република Германија, Бербел Бас.

Како што соопшти собраниската прес служба, Бас на средбата ја искажа нејзината лична посветеност, но и посветеноста на пратениците во Бундестагот да се вложат за напредок на Македонијка земја на патот кон Европската Унија. Изрази почит и пофалби за досегашните успеси и преземени чекори на Македонија на овој пат.

Вашата земја е пример за успешно мултиетничко општество во целиот регион, нешто што е посебно вреднувано од Германија, потенцира Бас.

Таа истакна дека поканувањето на претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лајер, на Самитот во Берлин е уште една потврда за германската визија за регионот и извесната европска перспектива на земјите учеснички во овој процес.

Гаши изрази задоволство за одржувањето на средбата и за поддршката која како држава и Собрание ја добиваме во изминатите децении од германските политичари, институции, бизнисмени и граѓани. Беше искажана благодарност за Резолуцијата на Бундестагот, особено признанието на македонската посебност, не само како признание на македонскиот идентитет, туку како гест на почитување на оваа универзална и цивилизациска придобивка. Ја пренесе одлучноста на новата Влада и Собрание по одржувањето на парламентарните избори за продолжување на процесот на евроинтеграции и спроведување на неопходните реформи во клучните области детектирани од Европската комисија. Посебен акцент стави на парламентарната соработка и динамиката на средби на сите нивоа и актуелно, експертизата на Бундестагот за независно парламентарно обезбедување.

Двајцата соговорници беа согласни дека во време на заканувачки предизвици, потребно е поголемо обединување на парламентите во нивната одбрана на демократијата, човековите права, транспаретноста, отвореноста и обезбедувањето на точни информации до граѓаните. Констатирано е дека тековната соработка треба да продолжи, но и да се прошири во нови области кои добиваат на значење, како што се обезбедувањето добри законски решенија на поле на енергетиката, користењето на алтернативни и онбовливи извори на енергија, како и заштитата на животната средина.

На средбата присуствуваа и резидентен амбасадор на РСМ Илбер Села и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, стои во соопштението од собраниската прес-служба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.