Нашето знаење од Франција да биде пренесено во Скопје. Тука има веќе високо ниво на експертиза, но може секогаш да биде подобро – порачува професор д-р Зијад А. Маси, познатиот нефролог кој работи во болницата Амброаз Паре кој деновиве престојуваше во Македонија.

Секогаш сум среќен кога сум во Скопје, Македонија. Нашата соработка со македонските колеги во областа на нефрологијата почна пред 40 години, во соработка со професорот Нинослав Ивановски. Потоа тоа продолжи со помладата генерација, со Огнен Ивановски, кој е сега професор по урологија, и со професорот по нефрологија Игор Николов. Тие ги почнаа нивните докторати кај нас, во мојата истражувачка единица во Париз, во Амиен. И продолжуваме со соработката, имавме два ограничени проекти. Продолжуваме со поддршката што ја даваме, со објавување на трудови и со покани – вели професорот од Универзитетот Paris Saclay во разговор за Република.

Од излагањето на проф. д-р Зијад А. Маси на Конгресот во Скопје

Професорот смета дека соработката меѓу Универзитетите е од големо значење за нашата земја:

Ова е важно бидејќи универзитетот во Скопје, особено медицинскиот факултет, треба да бидат поддржани и во иднина од нас. Во иднина би сакале новата генерација да дојде повторно во нашата лабораторија, во нашето истражувачко одделение, и да дозволиме да го пренесат сето знаење што го имаме ние, да го донесат во Скопје, каде што веќе има високо ниво на експертиза, но секогаш може да биде и подобро. Би биле среќни да ја организираме оваа соработка, меѓу двата универзитети и со нашето истражувачко одделение. И ќе бидеме среќни да ја прошириме соработката, со покуси престои на млади луѓе кои ќе дојдат и ќе учат клиничка пракса кај нас, покрај ангажман со истражувачката работа.

Професор д-р Зијад А. Маси деновиве беше во Скопје на Конгрес по нефрологија. Д-р Игор Николов, доктор на Клиниката за нефрологија, вонреден професор на Медицинскиот факултет вели дека професорот честопати доаѓа во Македонија поради соработката меѓу Универзитетите.

Професор д-р Зијад А. Маси и д-р Игор Николов

Професор д-р Зијад А. Маси доаѓа честопати во Македонија поради соработка на научно и на здравствено ниво. Наши доктори присуствуваат во Франција од каде се влечат знаења и искуства. Се обидуваме да развимеме соработка меѓу Универзитетите и таа соработка да има континуитет, да ја продолжиме и во иднина. Повеќемина доктори биле на престој во Франција благодарение на што кај нас се донесени нови методи и техники, не само од областа на нефрологијата, туку во многу различни области од медицината. Се надевам и верувам дека таа соработка ќе продолжи и понатаму. Идната стратегија е да се користат европските искуства и да се донесат тука. Неопходно е да имаме размена на знаење и искуства вели д-р Николов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.