Новинарот Михаел Мартенс, еден од водечките германски и европски познавачи на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан пишува за акутна смрт на проширувањето кое нема да воскресне брзо, пренесува порталот Експрес.
Мартенс за весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг опишува како ЦДУ, најголемата партија во најмоќната земја членка на Европската Унија веќе предлага нов начин за интеграција на Западен Балкан но тоа не е рамноправно членство во ЕУ.
Во меѓувреме премиерот Димитар Ковачевски, министрите Бојан Маричиќ и Бујар Османи тврдат дека нивниот план е Македонија до 2030 да влезе во ЕУ.
Според идеите во Берлин, до 2030 година Македонија би можела да стане само членка на Единствениот европски пазар, но не и на ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ е и останува мртво. По најновата руска војна на Украина се случија некои реторички промени. Но, што се промени во суштина? Иако проширувањето може да воскресне еден ден, сега се потребни идеи. Една таква идеја полека добива поддршка на терен. Германската најпопуларната партија ЦДУ ја усвои оваа идеја. Пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ неодамна поднесе предлог во Бундестагот со кој се повикува на нова политика кон Балканот. Предлогот беше одбиен но тоа може да се промени со друго мнозинство во идниот Бундестаг – или со повеќе политичари да бидат убедени во идејата“, пишува Мартенс кој ја објавува основната идеја на предлогот потпишан од претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц и претседателот на регионалната група на ЦСУ, Александар Добриндт: „Ако во моментов не е достапно полноправно политичко членство, да воведеме атрактивен среден чекор во процесот на проширување – ‘Единствен пазар’“.
Мартенс објавува дека со други зборови предлогот е да се прифатат шесте држави од Западен Балкан, Украина и Молдавија како полноправни членки на Единствениот пазар (под услов да ги исполнат условите).
„Дајте им ги сите права кои доаѓаат со членството. И сите обврски кои тоа ги повлекува. Што би значело тоа? За луѓето во осумте засегнати земји, тоа би значело дека тие практично веќе би биле во ЕУ во секојдневниот живот. Тие би ги уживале четирите слободи (движење на стоки, лица, услуги и капитал) во рамките на ЕУ. Не би имало разлика дали работите во Берлин или во Белград, Париз или Приштина. Балканските компании би станале поконкурентни. Секој граѓанин на овие земји може да одлучи каде да работи и да се насели. Тоа би значело и дека границите би станале невидливи. За ЕУ тоа би значело дека може да го прошири просторот во кој важат неговите правила (и само тие). Брисел повторно би имал поголемо влијание во регион кој исто така ги интересира непријателите како Путин-Русија или непријателските глобални играчи како Кина“, пишува Мартенс кој потенцира дека во исто време, осумте нови членки нема да можат да го блокираат процесот на донесување одлуки во ЕУ.
Тие не би имале свои комесари и право на вето туку би биле како Норвешка, а Норвешка изгледа сосема задоволна од аранжманот.
„Кога ќе се соочат со идејата, некои луѓе се противат: ‘Но, ова е само економски проект. Ни требаат политички реформи, владеење на правото, поделба на власта, слобода на медиумите итн.’ Тие се во право. Да беше само економски проект, немаше да смени ништо и немаше да има малку смисла“, пишува Мартенс кој додава дека затоа членството на единствениот пазар треба да биде тесно поврзано со напредокот во областите на владеење на правото, проверки и рамнотежи, функционални институции итн.
Кнут Абрахам кој сега е пратеник во Бундестагот а во владата на Меркел бил одговорен за надворешна политика го дообјаснува процесот:
„Тоа во никој случај не е чисто економски проект. Единствениот пазар е повеќе од зона на слободна трговија. Тоа е јадрото на ЕУ. Голем дел од законодавството на ЕУ се однесува на внатрешниот пазар и поставува заеднички стандарди. Функционалното владеење на правото кое обезбедува спроведување на овие закони е затоа од суштинско значење за внатрешниот пазар на ЕУ. Стандардите за владеење на правото би биле централно барање. Само на земјите кои ги исполнуваат стандардите на ЕУ ќе им биде дозволено да се приклучат на единствениот пазар“, објаснува Абрахам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.