Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување од денеска ќе стапат во штрајк. Ќе се извршуваат само неопходните работни задачи како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.

Како што информираат од Синдикалната организација на Синдикатот на УПОЗ при Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), за прием на документи ќе има само по еден вработен во подрачните единици.

– Истовремено сакаме да се заблагодариме на досегашната поддршка и разбирање на граѓаните и лекарите од јавното и приватното здравство, кои ги поддржуваат вработените во нивните барања и се на страната на вработените во ФЗО и имаат разбирање за нивниот проблем со платите, велат од Синдикатот при ФЗО.

Вработени од ФЗО минатата недела се собраа пред просториите на Фондот, изразувајќи незадоволство од можното намалување на платите.

Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент, изјави тогаш претседателот на Синдикалната организација на ФЗО Бранко Аџигогов.

Според синдикатот, со одлуката ќе бидат засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, 25 проценти ќе добиваат плата под минималната, а 25 проценти колку минималната плата.

Од Министерството за финансии потоа појаснија дека не се работи за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот.

Платите во ФЗО во текот на 2023 година, како што наведоа од МФ, се зголемени повеќепати и тоа 2.100 денари или околу седум отсто во март 2023 година со усогласувањето со минималната плата, зголемување од 2,5 проценти во јануари 2023 година и 3,5 отсто во август 2023 година.

– Согласно Општиот колективен договор, има предвидено зголемување од 10 отсто, како и за сите вработени во јавниот сектор. Односно, кумулативното зголемување на платите во текот на 2023 година во ФЗО е околу 25 проценти. Дополнително на ова, вработените во ФЗОМ во текот на 2023 година остварија право на регрес во нето висина од 10.000 денари. Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.