Компанијата „У ПОВЕР“ ДОО експорт-импорт Скопје, во сопственост на синот на фракционерот во ДУИ Муса Џафери, е една од 14-те фирми кои се на списокот на МЕПСО, на кои им било дозволено да го исплаќаат долгот на рати. Подоцна, од страна на менаџментот е утврдено дека тој долг е тешко наплатлив и за истиот е поднесена тужба.

Репрограмирањето на долгот на компанијата на синот на Муса Џафери се случува во период кога на чело на менаџментот на МЕПСО е Куштрим Рамадани, кадар на ДУИ.

Во досегашната работа на МЕПСО ова е прв случај да се одобри репрограмирање на долг на должник иако имало вакви барања на должници и во минатото.

Без оглед на тоа што ревизорскиот извештај за МЕПСО, од страна на ДЗР, е некомплетен и не ги потенцира главните пропусти на менаџментот во однос на одговорноста за енергетската криза, не може да се заташка дека Владата на Ковачевски има катастрофална кадровска политика во оваа енергетска компанија.
Доколку ревизорите на ДЗР подетално се позанимавале со работењето на Операторот на систем, кој е дел од структурата на МЕПСО, извештајот ќе беше многу покорисен за јавното обвинителство, бидејќи во него ревизорите ќе можеа да нотираат штета од милиони евра врз Буџетот на државата поради неодговорно и несовесно работење.
Последните кадровски смени во оваа енергетска компанија, кои се направени за задоволување на желбите на коалиционите партнери на ДУИ и СДС, како и за заташкување на несовесното и неодговорно работење на Операторот на систем, во никој случај нема да го подобрат квалитетот на работа на АД МЕПСО.
Политичката партија Левица и во иднина будно ќе ја следи работата на оваа државна енергетска компанија и ќе ги нотира сите неправилности и штетни дејанија кои ги врши Владата на ДУИ и СДС преку нивните кадровски решенија, велат од Енергетскиот сектор на Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.