„ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“ извикуваа студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство пред Владата каде што стигнаа со протестен маратон што почна во Градскиот парк. По првиот на 21 март, тоа беше нивни втор протест за да го актуализираат просторниот проблем на нивниот факултет, со барање до надлежните институции да им обезбедат простории за настава.
Беа предводени од деканот Боро Јакимовски кој истакна дека протестите ќе ги продолжат и во наредните недели за, како што рече, да ја поткренат свеста на државата за проблемот со кој ФИНКИ се соочува веќе 13 години. На ФИНКИ сега студираат околу пет и пол илјади студенти кои следат настава на неколку факултети од техничкиот кампус во Карпош.
Трајно решение за ФИНКИ е нов објект во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, чија изградба веќе седум години е во застој поради стечај на фирмата изведувач. До тогаш бараат привремен простор и очекуваат да им бидат отстапени просториите на Бирото за развој на образованието (БРО).
Во очекување позитивен одговор од Владата за дислокација на Бирото за развој на образованието од техничкиот кампус, со цел привремено да се решат нашите просторни проблеми, тука дојдовме да ја подигнеме свесноста за следната влада што побрзо да се зафати со трајно решение на нашиот проблем. Во изминатите десет дена, по нашиот прв протест, активно комунициравме со претставници од разни институции коишто ги посочи Владата, за изнаоѓање трајно решение, но засега тоа е невозможно да се направи. Затоа се уште стоиме на нашето барање да се ослободи што е можно повеќе простор во техничко-технолошкиот кампус за да можеме да го реновираме и од 1 октомври да почнеме со настава во тие простории, изјави Јакимовски и додаде дека од утрешната седница на Владата очекува позитивен одговор на нивните барања.
На состанокот што го имале со владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), им било кажано дека нема слободен простор од таков обем или никаков простор околу техничко-технолошкиот кампус што би можело да го користат, и затоа, рече, остануваат на ставот дека единствено решение е да се ослободи просторот што го користи БРО.
Во комуникација бев и со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој тековно има промоција на новите простории на ТИРЗ и тука има некое можно решение за Бирото во просториите на ТИРЗ кои ќе бидат ослободени. Секако, постојат и други потенцијални решенија, но да видиме дали ќе биде позитивен одговорот за овие простории, изјави деканот на ФИНКИ.
Во спротивно, рече, ќе ги продолжат протестите зашто сметаат дека може да де најде решение за нивниот проблем и следната локација за протест веројатно ќе биде пред Министерството за образование и наука. Но, штрајк нема да имаат затоа што, рече, не сакаат да им наштетат на студентите.
Во фокус на нивните протести е решението за привремени простории, зашто се свесни дека трајното решение односно продолжување на изградбата на објектот за ФИНКИ во овој момент е невозможно.
Во овој предизборен период не може ништо да се направи со тој простор, многу малку е буџетиран. Секако дека остануваме на тоа следната влада што ќе се формира да продолжи активно со доградба на објектот. Или да се обезбеди нов, има и други можности, рече Јакимовски на протестот пред Владата, на кој студентите поддршка добија и од претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.