Управата за финансиска полиција со која раководи Слободан Ивановски поднесе кривична пријава до поранешен министер за култура во владата на Заев Хисни Исмаили кој беше и потпретседател на Собранието за време на Владата на Димитар Ковачевски.

Исмаили претходно беше и министер во една од владите предводени од Зоран Заев. На функцијата беше избран на 27 јуни 2019, а ја извршуваше до 30 август 2020 година. За неговото министерување, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поднесе и иницијатива до обвинителството за негово гонење поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Х. И. поранешен министер во Министерството за култура , поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ ВО СЛУЖБАТА од член 353-в ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик. Пријавениот Х. И. во својство на службено лице- министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти. Со горенаведените дејствија, пријавениот Х. И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.