Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји вечерва пристигнаа во Скопје, а на скопскиот аеродром ги пречека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Имав чест да посакам добредојде на големите пријатели на Македонија, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Политичка поддршка која државите од Западен Балкан ја имаме треба да ја искористиме и да ги загарантираме стабилноста, мирот и европската перспектива на регионот“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

На утрешната седница на Советот за стабилизација и асоцијација, посочува Маричиќ во објавата, ќе имаме можност да разговараме за статусот на реформите, напредокот во евроинтеграциите и за билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

„Им посакувам успешен престој и со убави вести за регионот да заминат од нашата држава, која е пример за надминување на спорови по мирен и дипломатски пат“, порача Маричиќ.

Интересно е тоа што на фотографиите може да се забележи дека Вархеји се симнува од авионот држејќи прилично тежок и полн ранец во рацете.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.