Под покровителство на Светскиот еврејки конгрес, Еврејските заедници од Македонија, Бугарија, Србија и Грција во Софија потпишаа „Меморандум за разбирање“ со кој се обврзуваат дека во годината кога се навршуваат осумдесет години од Холокаустот заеднички ќе работат на зачувувањето на автентичната историја на еврејските заедници на Балканот, а особено за историјата на Холокаустот.

Со Меморандумот се предвидува соработка во креирање на едукативни програми, дизајнирани како за еврејските заедници, така и за воспитувачи, наставници, професори и други образовни специјалисти во формалната и неформалната образовна сфера во своите земји, како координирано прикажување што се случувало во годините на Холокаустот, со сите можни институции во своите земји и надвор од нив и заедничка борба против сите обиди за искривување историјата на Холокаустот.

– Со овој меморандум лидерите на четирите еврејски заедници во регионот исто така се обврзуваат дека ќе го почитуваат споменот на 11.343 Евреи од денешна Македонија, западна Тракија во Грција и градот Пирот во Србија, кои беа депортирани од страна на бугарската пронацистичка влада како и споменот на 55.000 Евреи од Грција депортирани од нацистичка Германија, се наведува во соопштението на Еврејската заедница во Република Македонија.

Потписниците на Меморандумот воедно изразуваат жалење што „поединци со антисемитски идеи, позиции и дејствија се придодадени или предложени кон имињата на вистинските праведници меѓу народите и спасители на Евреите за време на Холокаустот и што голем број јавни личности се обидуваат да ја променат, искриват и препишат историјата на Холокаустот со префрлање на одговорноста од пронацистичките сојузници и соработници на нацистичка Германија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.