Еврејската заедница вечер (19.00) во синагогата „Бет Јаков“ ќе го прославува празникот на светлината „Ханука“. Денеска е третиот ден од празникот, а од Заедницата најавуваат дека третата свеќа ќе ја запали претседателот Стево Пендаровски.

„Ханука“ се слави како сеќавање на победоносната ослободителна борба на еврејскиот народ на тлото на древниот Израел против елинистичкиот окупатор.

– Легендата запишана во Талмудот раскажува за тоа како Грците влегле во Храмот и го осквернавиле и маслото кое се чувало за палење на обредните свеќи. Макабејците, ослободители, по влегувањето во Ерусалим нашле во Храмот само еден сад со масло, со печат на големиот свештеник, кој бил доволен за горење за само еден ден. Тогаш се случило чудо (Божјо) и тоа масло горело во свеќникот осум дена. Затоа кога ја празнуваме Ханука и ден денес горат 8 свеќи осум дена, информираат од Еврејската заедница.

Оттаму велат дека „Ханука“ е пред сè семеен празник, свеќниците се палат секоја вечер во кругот на семејството и тоа првиот ден се пали една, а потоа секој ден по една свеќа повеќе. Тој обичај е сочуван до ден денес.

Синагогата „Бет Јаков“ во којашто ќе се одржува прославата се наоѓа на ул. „Борка Талески“ бр.24.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.