Според податоците на службата на ЕУ за следење на животната средина, оваа година изгореле над 94 илјади хектари во земјава, што е 9 пати повеќе од просекот на пожари од 2006 до 2023 година. Најмногу изгорена површина во периодот 2006-2023 година изнесувала 11827 хектари, во текот на 12 месеци.

Од Европскиот информациски систем за шумски пожари споделија дека во поради бројните шумски пожари во август, владата побарала итна поддршка и бил активиран Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Како резултат на тоа, десет воздушни противпожарни тимови од шест различни земји-членки на ЕУ биле испратени во Македонија за да помогнат земјава да се справи с опожарите.

Тие споделија и сателитска снимка од 4 септември од пожарот во мариовоска, кој зафатил површина од над 11 илјади хектари. Овој пожар, според европската агенција, бил ставен под контрола со дождот кој падна вечерта помеѓу 6 и 7 септември.

Дека дождот помогна во гасењето на сите пожари на отворено, сподели и Центарот за управување со кризи, кој кажа дека само во текот на вчерашниот ден имало 22 пожари на отворен простор.

Дирекцијата за заштита и спасување, пак, вчера информираше дека тие имаат на располагање само еден функционален ер-трактор за гаснење на пожарите, додека другите два се нефункционални.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.