Европската Унија е единство на различности, а ние како мала земја заслужуваме да бидеме почитувани како и сите останати што подразбира дека и за нас треба да важат истите критериуми за влез во Унијата, како и за другите, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Нагласи дека нејзиното барање за гаранции од италијанскиот претседател Серџо Мацарела за нашиот пат во Европската Унија, дадено за време на посетата на Ватикан, била „формулација што не беше баш како што треба пренесена“.

Кога зборував за гаранции со господинот Мацарела мислев на оние кои посегаат вето. Мислев пред се дека ако ние не знам колку пати сме го менувале Уставот и повторно сме се соочувале со нова промена, крајно време е да знаеме дека ова што се случува од страна на Бугарија е барање со коешто може да се остави простор за вето врзано за Копенхагенските критериуми, меѓутоа не и за прашања што се врзани за идентитет, за историја – појасни Сиљановска Давкова во одговор на прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење.

И во договорот за Европската Унија и во Лисабонскиот договор и во Повелбата за фундаментални права, додаде, јасно е посочено дека ЕУ е единство на различности и дека ги прифаќа идентитетот, интегритетот и особено културниот и националниот идентитет како нешто за што не се разговара.

Но, ние во поглед на многу прашања и во поглед на многу критериуми сме биле дискриминирани. Крајно време е да се стави крај на тоа. Македонија е мала држава, но мислам дека заслужува да биде почитувана како сите останати – порача Сиљановска Давкова.

Токму, како што рече, италијанскиот претседател рекол дека Европската Унија ги знае правилата, дека е еднаква за сите и дека треба да се почитуваат и од оние внатре и од оние надвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.