Еден од клучните приоритети на унгарското претседателство со Советот на ЕУ е да водиме избалансирана и кредибилна политика на проширување заснована на заслуги и да му дадеме нов импулс на процесот на интеграција на земјите од Западниот Балкан, признавајќи дека Унијата не е целосна без нивното приклучување, порача министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока.
Очекуваме да постигнеме видлив напредок во пристапувањето на овие земји кандидати во ЕУ, продлабочувајќи ја соработката преку претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан и Европската политичка заедница, додаде Бока по завршувањето на вчерашното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК).
Главна тема на состанок на ГАК, на кој учествуваше и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, беше Извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2024 година, со кој годинава покрај земјите членки на ЕУ, првпат беа опфатени и четирите држави од Западниот Балкан вклучени во пристапниот процес – Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.
Владеењето на правото има централна улога во процесот на проширување како основен услов за членство во ЕУ. Оваа година, Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија, како најнапредни земји кандидати во процесот на пристапување и во однос на нивото на подготвеност за владеење на правото, за првпат беа вклучени во извештајот на Комисијата за владеење на правото, се наведува во соопштението од заседанието на ГАК.
Во дебатата, која опфати четири области поврзани со владеењето на правото: правосудниот систем, антикорупциската рамка, медиумскиот плурализам и слобода и други институционални прашања поврзани со контролните механизми, министрите го поздравија добриот севкупен напредок во исполнувањето на препораките на Комисијата и вклучувањето на земјите кандидати во овогодишниот извештај.
Министрите ги поздравија сеопфатните реформи што ги спроведоа или иницираа четирите земји кандидати за зајакнување на владеењето на правото и ги охрабрија да продолжат со своите реформски напори додека се подготвуваат за членство во ЕУ. Дискусијата се фокусираше само на општите трендови за владеење на правото и по дебатата не беа донесени официјални заклучоци. Дискусиите за владеењето на правото во поединечните земји кандидати ќе продолжат да се одржуваат во рамките на процесот на проширување, се наведува во соопштението.
Покрај за состојбите во четирите земји кандидати за членство од Западниот Балкан, министрите за европски прашања на членките на ЕУ, како дел од годишниот дијалог на Советот за владеење на правото, расправаа и за општите состојби поврзани со владеењето на правото во Унијата, врз основа на Извештајот на Комисијата. Учесниците на состанокот на ГАК оценија и дека е важно да се продолжи дијалогот со целосно почитување на принципите на објективност, недискриминација и еднаков третман на сите земји членки на ЕУ.
Дополнително, актуелното унгарско претседателство со Советот на ЕУ ги претстави приоритетите на своето претседавање, кои вклучуваат подготовка на нов европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, водење конзистентна политика на проширување заснована на заслуги, спречување на илегалната миграција, обликување на иднината на кохезивната политика, изработка на земјоделска политика на ЕУ насочена кон земјоделците и справување со демографските предизвици.
Во делот на надлежностите на ГАК, унгарското претседателство ќе продолжи со активности кон спроведување на Стратешката агенда, зајакнување на владеењето на правото, транспарентноста, интегритетот и демократска отпорност, креирањето на иднината на Европа, проширувањето на Унијата, борбата против антисемитизмот, зајакнување на односите на ЕУ со Велика Британија и Швајцарија и склучување на договори за асоцијација со Андора и Сан Марино.
На заседанието започнаа и подготовките за Самитот на ЕУ предвиден за 17 и 18 октомври 2024 година, со дискусија за предлог-дневниот ред за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата.
Според првичната предлог агенда, лидерите на ЕУ ќе се осврнат на руската агресија врз Украина и на ситуацијата на Блискиот Исток, а ќе ја одржат и прва размена за извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за иднината на европската конкурентност.
Другите теми на Самитот се поврзани со миграцијата, безбедноста и одбраната, подготовките за самитите за климатски промени КОП29 и за биолошка разновидност КOP16, како и за случувањата во Грузија и Молдавија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.