Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар денеска доаѓа во дводневна посета на Македонија. Ескобар денеска ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а се очекува да има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Високиот американски дипломат во дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД, одржана во текот на јули годинава, изјави дека САД силно го поддржуваат процесот на уставните измени и се ангажирани со новата влада во Софија да осигураат дека нема да поставува нови барања на европскиот пат на земјава.
-За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, рече Ескобар на дебатата во Конгресот на која го презентираше извештајот за ангажманот на САД на Балканот.
Ескобар смета дека со евроатланската интеграција на земјава ќе се намали влијанието на „штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери“.
Порано, во интервју за Гласот на Америка, прашан во врска со противењето на опозицијата на уставните измени и што доколку тие не се донесат американскиот дипломат вели дека САД најмногу би биле загрижени за загубеното време.
-Нашата најголема грижа е дека ќе изгубиме време. И, знаете, ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Македонија, вели Ескобар во интервјуто од 13 мај, годинава.
Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
За усвојување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, што е единствена точка на 123 седница, неопходно е да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази за промена на Уставот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.