Постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеност на законите, вклучувајќи ги и тие преку Европската Унија, а Македонија треба да се погрижи нејзините законите да бидат усогласени со европските стандарди и очекувања, порача заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа, во врска со измените во Кривичниот законик.

Што се однесува до конкретните информации за измените во Кривичниот законик, се што можам да кажам е дека постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеноста на законите, вклчувајќи и преку ЕУ. Тоа би значело дека земјата треба да се погрижи нејзините закони да не бидат само во согласност со Уставот, туку и со европските очекувања и стандарди, вели Ескобар во интервјуто.

На прашањето дали САД се задоволни од борбата против корупцијата во Македонија во контекст на измените во Кривичниот, со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност, Ескобар нагласува дека корупцијата е најголем проблем за сите земји од Западен Балкан.

За почеток би кажал дека корупцијата е најголем проблем за државите од Западен Балкан и мислам дека сите земји можат да направат повеќе (во борбата против корупцијата), вклучувајќи ја и вашата земја. И тоа е една од причините зошто доследно се залагаме за тоа државата да ги спроведува реформите кои ЕУ ги бара од неа, изјави Ескобар.

Тој вчера во интервју за Гласот на Америка истакна дека Македонија игра многу важна улога во процесите во регионот. Исто така изрази загриженост поради тоа што Западниот Балкан се развива во „две брзини“.

Од една страна има членки на Северноатлантската алијанса кои се многу посветени на својот НАТО и европски пат. Тука се и преостанатите три кои се борат со потешкотии. За време на моите средби со нив, доследно им пренесував дека САД го поддржуваат нивниот евроатлантски пат. Би сакале и сакаме сите тие да ги решат внатрешните и регионалните разлики што ги спречуваат да напредуваат, потенцира соговорникот на Гласот на Америка.

Прецизирајќи го одговорот, тој укажа на, како што истакна, важната улога на Македонија во актуелните процеси.

Ние сме им благодарни за нивното регионално лидерство, и за нивното проевропско предводништво. Како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), мислам дека Македонија постојано се докажува како одличен партнер. Во оваа смисла, би сакале да ја видиме и во Европската Унија. Албанија имаше одличен пристап кон членството во Советот за безбедност, во билатералните односи, како и со НАТО, појасни Ескобар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.