Емилија Николовска со своите 17 години сака да го открие непознатото. Вредно да го истражува и да му донесе нешто ново на човештвото. Емилија е од Охрид, а учи во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Иако е на летен распуст, таа не мирува. Неодамна освои бронзен медал на Светската олимпијада по физика.
Имаше селекционен натпревар и од Македонија бевме одбрани пет ученици. Натпреварот беше тежок. Беше потребна претходна подготовка, имавме часови со професори и асистенти од ПМФ, но се припремавме и сами. Имаше вкупно околу 400 деца од осумдесет земји од светот. Искрено, немав очекувања, пријатно се изненадив зашто задачите беа потешки од лани. Дадов сѐ од себе и се спремав колку што можев и ете, тоа се исплати и сега имам заслужен одмор. Ова е најголем успех на Македонија на оваа олимпијада по физика – раскажува Емилија.
Светската олимпијата е во организација на Швајцарија и требало да се одржи во Белорусија. Меѓутоа поради состојбата во Украина се одржала онлајн.
Ова не е прва награда на Емилија. Таа досега има добивано општински, регионални, државни и меѓународни награди на натпревари и олимпијади по хемија, информатика, програмирање, математика, а додека учела основно училиште и награди по англиски, германски…
Мал проблем е дека не можам да учествувам на сите олимпијади зашто се поклопуваат датумите и морам од нешто да се откажам – вели Емилија.
Вели дека од сите предмети, најинтересена ѝ е физиката.
Физиката ми е природна. Кога гледам низ прозор, сѐ што ми гледаат очиве е физика. Меѓутоа, физиката оди заедно со математиката. По нив, ги одбирам хемијата и програмирањето. Во секоја област човек може да си го најде најинересното – вели Емилија.
Науката ја сака уште од најмала возраст. Бројките ѝ се пријатели уште од градинка.
Кога бев во градинка бројките ми одеа многу лесно и потоа на училиште првите неколку одделенија не ми беше интересно на часовите. За натпреварите дознав првпат во четврто одделение, и почнав да одам и така ја задоволував потребата да научам повеќе. Кога почнав моите родители ми помагаа, но по некое време почнаа наставниците во основно да ми помагаат, па професори од факултет. Можеш и самостојно да се надградуваш, но е многу полесно кога друг ќе ти објасни и ќе те насочи да не луташ по материјалот. Со желба и ако се вложи доволно труд може сѐ да се постигне – раскажува средношколката.
Повеќе на „Нова Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.