Во организација на Стејт департментот и регионалната иницијатива „Балканската безбедносна мрежа“ (БСН) денеска и утре во Скопје ќе се одржува конференција за влијанието на пролиферацијата на напредно конвенционално оружје (АКЦ) на регионалната и меѓународната безбедност, како и за стратегиите на соработка за зајакнување на контролата, намалување на зависноста и наоѓање одржливи алтернативи.

Kонференцијата треба да ја отвори заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, а учесници се експерти од САД, ЕУ, регионот и земјата.

Дводневната конференцијата вклучуваа експертски панел дискусии со детална анализа на пролиферацијата на напредно конвенционално оружје и стоките со двојна намена со фокус на режимите на меѓународна контрола вклучувајќи ги санкциите на ЕУ и САД, како и специфични предизвици од оваа област кои произлегуваат од руската инвазија на Украина. Ќе се разгледаат студии на случаи – примери од регионот за последиците од кршењето на санкциите преку ре-извоз на технологии со двојна намена со воена намена.

Покрај тоа ќе се направи увид од регионот со преглед на трендовите на диверзификација и модернизација на вооружените сили на Црна Гора, Србија, Словенија, Македонија и други земји во регионот, со посебен осврт на преминувањето од стари ACW со советско/руско потекло на други решенија. Фокус ќе се стави на значењето на информирањето на јавноста за споменатите теми и улогата на стратешките комуникации во борбата против дезинформациите во областа на напредното конвенционално оружје.

За време на дводневната конференција ќе се одржи и панел дискусија на тема „Надвор од претседателските избори: Стратешкиот императив на одбранбената модернизација и соработка„ Слично како неодамнешните избори во Македонија и низ целата евроатлантска сфера, претстојните претседателски избори во САД се набљудуваат со мешавина на неизвесност и исчекување. Надвор од непосредните, изборните промени, трајните стратешки императиви остануваат константни. Основите на политиките за национална безбедност и одбрана – засновани на долгорочно планирање и заеднички интереси.

Во ерата обележана со оживувањето на конкуренцијата на големите сили и војната на европско тло, императивот за модернизација на нашите национални одбранбени способности и продлабочување на координацијата меѓу сојузниците никогаш не бил повитален. Зборувајќи од регионален аспект, немаше да се реши ниту еден проблем на Балканот во последните три децении, доколку САД и Европа не беа синхронизирани. Важно за стабилноста на трансатлантската заедница е кохезијата меѓу партнерите.

Собирот е наменет за претставници на државни институции, академската заедница, истражувачки и научни институции, невладини организации, медиуми и други заинтересирани страни. Цел на конференцијата е размена на знаења во областа на пролиферацијата на ACW и стратегиите на диверзификација преку собирање на домашни, регионални и меѓународни експерти и други заинтересирани страни, информираат организаторите.

Национален координатор на проектот на Балканската безбедносна мрежа за Македонија е универзитетскиот професор по безбедност Марјан Ѓуровски.

Придобивки од проектот се обезбедување детален увид во предизвиците на пролиферацијата на напредно конвенционално оружје во регионалниот и меѓународниот контекст, согледување на меѓународните напори за зајакнување на контролата и намалување на зависноста, запознавање со националните, регионалните и меѓународните искуства во намалувањето на зависноста и наоѓањето на одржливи алтернативи во областа на напредно конвенционално оружје, можности за вмрежување и градење партнерства, се наведува во најавата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.